Архитектот Жарко Чаушевски, како на повеќето реализирани објекти од проектот „Скопје 2014“, победи и на конкурсот за избор на идејно решение за реконструкција на фасадите на пет објекти на улицата „Кеј 13-ти Ноември“ во центарот на Скопје, јавува „Билд“. Дали со тоа станува се поизвесно дека кулите во склоп на ГТЦ ќе добијат барокни фасади, слични на објектите од другата страна на реката Вардар?
За претстојната реконструкција, биле поднесени само два архитектонски труда.
„Денес е само објавена Одлуката на жирито за избор, а повеќе детали ќе бидат познати по завршување на целосната постапка со склучување на договор“, велат од Одделението за односи со јавност на Град Скопје.
Како победник на конкурсот, Чаушевски се стекна со пет први награди, кои ќе му донесат финансиски средства во вкупен износ од 90 000 денари.
Градот Скопје веќе организираше два конкурса за избор на архитектонски труд за реконструкција на петте кули во склоп на ГТЦ. Постапката од градската управа во текот на изминатава пролет се одвиваше паралелно со процесот за избор на нова барокна фасада и надградба на Градскиот трговски центар, на која победија архитектите Жарко Чаушевски и Филип Богатинов.
„Со недонесување на ДУП „Мал Ринг“ од советниците на општина Центар пред еден месец, беше оневозможено да се оствари идејата за промена на препознатливиот лик на ГТЦ. Сепак, со резултатите од последниот конкурс на Град Скопје, на мала врата се овозможува остварување на идејата за менување на изгледот на петте кули во стилот на „Скопје 2014“, објекти што се неразделен дел на најстариот трговски центар во главниот град“, пишува „Билд“.




