Министерството за внатрешни работи расветли два од трите инциденти кои минатата недела се случија во автобусите на ЈСП во Скопје, соопштуваат од Министерството.
Сите лица кои се идентификувани дека учествувале во насилството се малолетни, а двајца од нив учествувале и во двата инцидента. По преземените мерки и дејствија за откривање на сторителите, извршените разговори и препознавање на лица, осомничени се вкупно 13 малолетници, со што бројот на малолетници кои годинава се откриени и санкционирани заради учества во инциденти се зголемува на 150 лица.
Станува збор за насилствата извршени врз 17 годишен ученик од Скопје, кој на 14-ти овој месец околу 13 часот, на ул.„Трета Македонска Бригада“ во автобус на ЈСП бр.33, од страна на поголема група ученици, без повод и причина бил физички нападнат, со тупаници по телото, при што му биле нанесени видливи повреди, заради кои му е укажана лекарска помош.
Другото дело е извршено наредниот ден на 15-ти околу 12,40 часот врз 15 годишен ученик во автобус на ЈСП бр.7, каде што од страна на поголема група ученици на негова возраст, без никаков повод и причина почнале да го удираат со боксови во пределот на главата и рацете.
За првиот случај за автобусот со број 33, осомничени се тројца малолетници од Скопје, двајца малолетници од с.Батинци, двајца од с.Грчец и еден од с.Студеничани.
За вториот случај, со број 7, осомничени се еден малолетнк од Скопје, двајца малолетници од с.Арачиново, еден од с.Студеничани и еден малолетник од с.Рашче.
По комплетирањето на целокупниот материјал, против сторителите ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Инаку, малолетниците Е.Ј., Х.Е., М.Х. и А.З. од првиот случај, и се веќе познати на полицијата како сторители на кривични дела со елементи на насилство, така што против малолетникот Е.Ј. поднесени се две кривични пријави, против малолетникот Х.Е. поднесена е една кривична пријава, како и за малолетникот М.Х. и поднесена е кривична пријава и за малолетникот А.З.
Министерството за внатрешни работи интензивно работи на расчистување и на третиот инцидент кој се случи во автобусот на ЈСП број 65.




