Утринава загина 30-годишен одржувач на машини во рудникот на олово и цинк „Саса“ во Македонска Каменица. Ј.Дојчиновски работел на поправка на рударски камион, во критичниот момент, машината паднала врз него. Дојчиновски по несреќата бил пренесен во кочанската болница, каде што и починал. Тој е татако на две малолетни деца.
Вчера, градежен работник на „Бетон“ бил повреден откако паднал од голема висина додека работел на објект во Скопје. Педесет и деветгодишниот С.Р. е жител на кумановското село Љубодраг, тој работел на градилиште на улицата „Филип Втори Македонски“, а паднал од висина од осум метри. Со скршеници на ногата и други повреди на телото бил префрлен во болница и е задржан на лекување.
Само пред пет дена градежен работник почина при пад од скеле од десетиот кат на ново градбата на хотелот Мерниот во центарот на Скопје.
Во мај годинава имаше два смртни случаи на градежни работници кои работеа на проектот Скопје 2014.
Во отсусутво на официјални информации за причините за честите несреќи само невладините организации алармираат дека работниците главно гинат поради несоодветните услови за работа.
Бројките за повредените и починатите во извештаите на Македонското здружение за заштита при работа се секогаш поголеми од оние официјалните на надлежните институции, бидејќи како што објаснија за НОВА оттаму, тие покрај официјалните податоци, ги користат и информациите за несреќи на работно место од печатените медиуми.
Во извештајот на ЗЗПР за 2012 година се вели дека во однос на местото, Скопје е град со најголем број на несреќи. По Скопје следат Штип и Куманово по број на несреќи, а најголем број на смртни случаи имаме во Струмица- 9. Во текот на минатата година во Скопје се случиле над 50 несреќи на работно место, од кои 6 се со смртни последици. Констатирано е благо зголемување на бројот на несреќите во однос на 2011 година.
Во 2012 година најмногу несреќи има во дејноста “Јавна управа и одбрана, задолжително социјално осигурување” по што следи “Градежништвото”. Анализата утврдува дека најмногу несреќи се случиле во вторник, но најголем број на смртни случаи имало во сабота.
Најголем дел од несреќите се случиле во летните месеци, бидејќи е тоа период на интензивно извршување на градежни работи. Од 45-те смртни случаи во текот на минатата година 17 се случиле во јули и август.
Најголем број на несреќи со фатален исход има во категориите на работници кои се наоѓаат на возраст помеѓу 35 – 44 и 45 – 54, исто како и минатата година. Од вкупно 161 случена несреќа, само 4 од нив спаѓаат во категоријата жени, се вели во извештајот на
Македонското здружение за заштита при работа.




