Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски нема да се појави на лидерската средба утре, потврди денеска претседателка на Унијата на жени на партијата, Благица Ласовска.
ВМРО-ДПМНЕ, според Ласовска, останува на ставот дека ако воопшто се одржи лидерска средба на која ќе присуствува Мицкоски, тогаш таа ќе биде исклучиво за предвремени парламентарни избори.
– Како што пред неколку дена најави претседателот, нема да се појави на лидерската средба. И доколку има некаква лидерска средба, таа лидерска средба ќе биде само за разговор за предвремени парламентарни избори, рече Ласовска на прес-конференција, одговорајќи на новинарско прашање.
Премиерот Зоран Заев вчера на прес конференцијата повторно го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски да дојде на лидерската средба в петок, истакнувајќи дека таа ќе се одржи без разлика на неговото учество и оти е негова одговорност дали ќе се појави на средбата.
– Јас сум подготвен за се да разговарам вклучувајќи го она што Мицкоски сака да го нотира. Правам уште еднаш обид, ред е да се појавиме таму. Не мора да се договориме за сите прашања, но треба да разговараме. Тоа е наша обврска, рече Заев.
Исто така Заев рече дека нема намера да исполнува желба за предвемени избори.
– Немам намера да исполнувам желби за предвремени избори, иако знам дека ќе победам, дека власта ќе победи. Но немам намера само заради тоа за да не наштетам на економските перспективи на граѓаните, додаде Заев.
Рече дека очекува Мицкоски да се појави на лидерската средба, истакнувајќи дека тој, како еден од политичките партиципиенти, ќе продолжи да ги турка процесите што ќе ја внесат државата во НАТО и ЕУ, како и зголемувањето на економските параметри, бидејќи, како што рече, тоа е очекувањето на граѓаните.
Поканата на премиерот завчера ја прифатија ДУИ и Алијансата за Албанците.




