Советот за економски прашања на СДСМ на својот прв состанок констатираше неколку погрешни чекори на Владата
Овој совет, кој е еден од 17 стручни партиски совети формирани на крајот од минатиот месец, денеска на својот прв состанок меѓу другото заклучи дека неразвојните буџети на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ во осумгодишното владеење ја спуштиле Македонија на просечната стапка на раст од само 2,5 проценти.
„Со ваквата стапка на раст, што е резултат на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, на Македонија и’ се потребни 30 години за да го дуплира својот БДП“, рече претседавачот на овој совет кире Наумов.
Според него, повисоки стапки на раст имало во 2007 и 2008 година благодарение на полните фондови и државни депозити што ги наследи ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година од тогашната Влада на СДСМ. Во сите наредни години, додаде Наумов, ВМРО-ДПМНЕ нема остварено стапка повисока од 2,9 проценти.
Според економскиот совет на СДСМ, лото-идејата со фискалните сметки е панична реакција на власта на предлог-мерката на СДСМ за враќање на 15 проценти од ДДВ.
„Лотото е новата очајна политика на Груевски за дупките што ги отворија со своето владеење. За расипнички испразнетата каса решение им се екстремно високите казни и најавените црни листи на неплаќачи на данок. Класичен пример за тоа се малите продавнички, што ја трпат даночната политика на Груевски. За граѓаните има уште едно лото, а тоа е, ако некој биде начекан на 15 метри од некоја продавница без фискална сметка, да биде среќен плаќач на казна“, рече Наумов.
Економскиот совет на СДСМ го повика економскиот тим на ВМРО-ДПМНЕ предводен од премиерот Груевски и министерот за финансии Ставрески, да дебатираат за теоретските и научните познавања на економијата како и за нивната практична примена.




