Законот јасно прецизира која е наделжната институција за избирачкиот список, а тоа е Државната изборна комисија и сите прашања за него, вклучително и за последниот потпишан од донеодамнешниот претседател на ДИК, треба да се упатат на таа адреса, вели министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
„МВР ниту може, ниту сака да влијае врз содржината на Ибирачкиот список. Нашите евиденции може да бидат искористени само како индикатор доколку ДИК смета дека може да и помогнат во финализирање на еден избирачки список“, изјави денеска Јанкулоска.
Според неа сите податоци со кои располага МВР благовремено ќе бидат доставувани до институциите кои се надлежни за понатамошна нивна обработка во функција на финализирање на Избирачкиот список.
– Новиот претседател ако сака да биде успешен треба да ги надмине партиските наредби по кои работеше претходниот претседател и да се стави во функција на граѓаните, на Република Македонија, на објективен и транспарентен изборен процес, а ДИК има капацитет тоа да го направи. Останува на политичката волја на лицата кои на некој начин имаат влијание на процесот, рече министерката за внатрешни работи.
Јанкулоска му порача на новиот претседател и на целиот состав на ДИК дека сите информации со кои располага МВР ќе ги добијат веднаш кога ќе ги побараат исто како и досега и оти МВР ќе им биде на располагање секогаш кога ќе почувствуваат потреба дека може да им се помогне.
– Одговорноста за нивните зкаонски надлежнсоти ниту досега сме ја превземале, ниту имаме намера да ја преземаме. Тие се одговорни за Избирачкиот список и треба на сериозен начин да пристапат кон негово финализирање односно констатација за во каква состојба е, онака како што тоа го направи претходниот претседател кога во пресрет на последните локалните избори констатираше дека избирачкиот список е во ред и одговара на фактичката состојба на терен и го потпиша, појасни министерката Јанкулоска.




