Глувите лица, денеска во 10 часот по трет пат ќе го кренат својот глас, ќе организираат јавен собир пред Домот на АРМ.
Причините поради кои повторно се организираат да го искажат својот револт јавно, се истите како и првиот бидејќи, како што велат ништо не е сменето, освен обуката за толкувачи.
Тие бараат да има повеќе толкувачи на знаковен јазик и негово кодифицирање. Но нивното најголемо незадоволство се состои во лошото работење на Националниот сојуз на глуви и претседателот Васко Марков, за кој бараат да биде сменет.
– Постои една изрека која гласи: “ Облечете ги чевлите на другите, одете неколку чекори, па ке ја видите тешкотијата на другиот”. Вие неможете да го сторите тоа, но можете многу да сторите за нас, за подобрување на сето она што го бараме. Тоа е ништо за вас, а премногу за нас, велат во своето сооопштение со кое го најавуваат јавниот собир.
Во државата има само 12 толкувачи на 6 000 глуви од кои шест се во Скопје.Тие велат дека почнале сами да си плаќаат толкувачи, кога одат во болници, на суд, во институции. Од причини што неможат да се разберат бидејќи најчесто немаат пари да плаќаат толкувач, често ги губат судските случаи или добиваат погрешна дијагноза.
-Знаковниот јазик е рамноправен како и сите други јазици, и ги има истите права како и останатите јазици за комуникација. Во Македонија знаковниот јазик сеуште не е кодифициран, велат глувите лица.
Своите права, велат дека неможат да ги остварат преку Националниот сојуз на глуви бидејќи претседателот Марков не работи за нивните интереси, туку за сопствените, а досега Министерството за труд и социјала не најде за потребно да го провери неговото работење.




