Два дена по трагичниот настан во рудникот “САСА“, кога загина 30-годишниот Ј. Дојчиновски, татко на две малолетни деца, кој работел како одржувач на машини, вчера Државниот инспекторат за труд заедно со министерот Диме Спасов беа во фирмата „Руен“ во Македонска Каменица.
По извршениот вонреден надзор поднесена е и една кривична пријава за непроменета проценка на ризик за работно место, за кое е настаната тешка повреда при работа со фатални последици – смрт. Од областа на безбедноста и здравјето при работа поднесени се вкупно пет прекршочни пријави.
При надзорот констатирани биле неправилности и од областа на работните односи. Поднесени се четири барања за поведување на прекршочна постапка бидејќи не е изготвена и не е спроведена изјава за безбедност во писмена форма, не се извршени здравствени прегледи на вработените, не е испитана опремата за работа за безбедност при работењето, а не се обезбедени и обучени лица за давање на прва помош во случај на повреда при работа.
По инспекцијата Спасов изјави дека нема да се толерира непочитувањето на законите, дека работодавачите мора континуирано да преземаат мерки за поголема заштита на работниците и континуирано да ги обучуваат.




