По демантот од СЈО дека Катица Јанева побарала од вработените во ИТ-секторот да спроведат т.н. „форензичко бришење“ на компјутерите во Специјалното јавно обвинителство, вест која ја објави порталот на емисијата „360степени“ , со реакција се огласи уредникот на емисијата Васко Попетревски.
„Калкулирајќи со можните реакции (па и за кредибилитетот на „360 Степени“) и избирајќи да останеме во безбедна зона, можевме да решиме и да не го објавиме текстот. Тоа ќе беше најлесната одлука. Написи базирани на анонимни извори, особено кога и за настанот (наредбата) на кој се однесуваат, нема писмени траги, се најподатливи за „демант“.
Но, ние решивме да го објавиме. Решивме да бидеме гласот на вработени во СЈО, кои „изгорени“ од настаните во изминатите недели, сакаа да ја алармираат јавноста, но и институциите, за најавена постапка (на „форензичко бришење“ на компјутерите) со можни далекусежни последици. Во функција на јавниот интерес.
Притоа, како што налагаат базичните новинарски стандарди, навреме се обративме со прашања до СЈО. Но, наместо да одговори на прашањата, цели шест часа по нивното добивање, Специјалното обвинителство на Катица Јанева објави „демант“.
Ако внимателно се чита „демантот“, во него се посочува на мерки за заштита на материјали, документи и докази.
„Демантот“ не се осврнува директно на делот од текстот на „360 Степени“ дека со „форензичкото бришење“ неповратно ќе се избришат податоците за тоа на кој компјутер, во кое време, од кое лице, што било работено.
Ако и на вработените во ИТ-секторот сега им е појасно што, всушност, било побарано од нив, а можеби не биле свесни за тоа, тогаш навистина јавниот аларм од загрижени вработени во СЈО ја завршил својата работа.
Што се однесува до реакциите со кои се доведува во прашање кредибилитетот и веродостојноста на „360 Степени“, слични реакции читавме и слушавме и кога објавивме за поплавата во просториите на СЈО, во која беа уништени докази за неколку предмети, вклучувајќи го и „Империја“, пишува во реакцијата на уредникот на емисијата „360 степени“ Попетрески.
Претходно, од СЈО демантираа дека Катица Јанева дала наредба за бришење на податоците.
„Специјалниот јавен обвинител нема дадено наредба за било какво уништување на материјали, податоци или доказен материјал во рамките на обвинителството, било истиот да е во пишана или усна форма.
Сите активности кои во континуитет се преземаат се единствено во насока на зачувување на сите податоци, информации, документи и списи кои се предмет на работењето на ова обвинителството. Водејќи се од правилата за обезбедување на безбедносни, технички и организациски мерки во делот на заштитата на целокупниот материјал кој се наоѓа во обвинителството, сочувувањето на неговиот интегритетот е од висок приоритет, и во ниту еден случај не би се дозволило по било кој основ истиот да биде доведен во опасност“, се вели во демантот на СЈО.
СЈО со демант дека Катица Јанева наредила „форензичко бришење“ на податоци
Порталот “360 степени“ повикувајќи се на извори во СЈО, објави дека веќе биле преземени подготвителни активности за да се спроведе „фоензичкото бришење на податоците“, постапка која требало да ги опфати сите компјутери во ова обвинителство.
Медиумот наводното барање за бришење на компјутерите го поврза со истрагата во случајот „Рекет“ во кој засега , Јанева не е осомничена.




