Германската канцеларка Ангела Меркел денеска треба да се состане со грчкиот премиер Андонис Самарас.
Меѓу другото, се очекува Меркел и Самарас да разговараат и за спорот со името меѓу Грција и Македонија кој е пречка за Македонија да добие датум за преговори со Европската Унија.
Пред денешната средба во Атина, Берлин преку раководителот на одделот за надворешна, безбедносна и развојна политика во германската влада Кристоф Хојсген порача дека проблемот со името е високо на агендата на канцеларката Меркел.
Можете да бидете сигурни дека оваа тема е високо на нашиот дневен ред иако можеби не се забележува, изјави Хојген.
Во оваа изјава на Хојген беа содржани и јасни пораки до лидерите на Македонија и Грција за тоа дека треба да пристапат конструктивно кон решавањето на проблемот.
Грција не покажала конструктивност но како што рече Хојген и Македонија треба да преиспита некои свои позиции.
„Во Македонија премиерот Груевски исто води многу националистичка политика, па речиси нема село во Македонија каде не е поставена скулптура на Александар Велики. Значи, ваквата ситуација не ги прави работите поедноставни, но можете да бидете сигурни дека ова прашање е често на дневен ред“, потенцираше Хојсген.
Меркел неодамна за македонско грчкиот спор разговараше и со посредникот во разговорите Метју Нимиц.
“Сојузната Влада енергично ги повикува двете страни своите преговори да ги водат конструктивно и подготвени за компромис и во блиска иднина да изнајдат решение во спорот за името” се вели во одговорт од амбасадата на Р. Германија во Македонија испратен до редакцијата на НОВА.
Во изјавата за НОВА од амбасадата на Германија во Скопје ни одговорија на прашањето која беше целта на средбата на Меркел со Нимиц.
“Целта на разговорите на специјалниот пратеник на Генералниот секретар на ОН, Нимиц, во Mинистерството за надворешни работи и во седиштето на Сојузниот канцелар на Германија, беше да ја информира Сојузната Влада од прва рака за состојбата на неговите напори за посредување. Оваа можност за разговори произлезе бидејќи Нимиц моментално е на патување низ Европа.
Целта на средбите беше исто така и да се поддржат посредувачките напори на Нимиц.
Сојузната Влада во целост, а и самата Сојузна канцеларка со години се залагаaт за напредок при изнаоѓањето на решение за прашањето за името, се вели во изјавата на амбасадата за НОВА.




