– СДСМ наместо да се бори за градење на правна држава, како и многу пати досега се става во одбрана на своите членови кои се осомничени за криминал. СДСМ не треба да биде партија која ќе биде параван за влегување во незаконски работи. Не смеат граѓаните да ги делат на нивни партиски функционери за кои не може да се поведе постапка ако се осомничени за криминал, и сите останати граѓани за кои важат законите, реагираат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, откако потпретседателот на Социјалдемократскио сојуз, Дамјан Манчевски побара објаснување „зошто Шиповиќ е екстрадиран во доцните часови далеку од очите на јавноста кога самиот имал намера да се врати во земјата“.
Според реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, апсењето на Мирослав Шиповиќ нема никаква врска со Општина Центар. Тој од страна на институциите се сомничи за криминал сторен во фирмата Машино-промет, каде бил Претседател на Управниот Одбор.
Оттаму соопштија дека ВМРО-ДПМНЕ нема намера да ја блокира работата на Советот во Општина Центар.
-Дадена е поддршка за Годишните програми и финансиските извештаи на градинките и основните училишта во Центар, како и за третиот квартален финансиски извештај на Центар. Дополнително Советничката група предводена од ВМРО-ДПМНЕ го изгласа и ребалансот на Буџетот кој го предложи Андреј Жерновски, и ако имавме намера да ја погазиме волјата на граѓаните, немаше да гласаме ребаланс со кој не се согласуваме, стои подолу во реакцијата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Социјалдемократскио сојуз треба да престане да наоѓа алиби за нивната неспособност да реализираат проекти во Центар и наместо со барање на виновници треба да започнат конечно да реализираат проекти во интерес на граѓаните.




