Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски излезе со реакција по информацијата за екстрадицијата на претседавачот на Советот на општина Центар, Мирослав Шиповиќ.
Жерновски соопшти дека Шиповиќ требало да биде доведен вчера во 12:00 часот на пладне, но тоа не се случило туку очигледно беше донесена одлука да биде спроведен во доцните ноќни часови, тајно, далеку од очите на јавноста што, вели Жерновски, само по себе кажува многу.
„Сега разговарав со сопругата на Шиповиќ и според информацијата на неговиот адвокат, до овој момент истражниот судија упорно избегнува да го сослуша Шиповиќ. Повторно се оди на некакво одложување“, изјави Жерновски.
Но, вели Жерновски, да бидеме оптимисти, добро е што Шиповиќ е на финалната дестинација во Македонија и ги повика институциите да овозможат претседавачот на Советот на општина Центар да се брани од слобода.
„Ова е неопходно не само поради исполнетите законски услови Шиповиќ да се брани од слобода, туку и ќе се овозможи деблокада на работата на општина Центар. Се надевам ова ќе се случи, во спротивно ќе влеземе во сценарија кои никој од нас не ги посакува“, рече градоначалникот на Центар, Жерновски.
Тој посочи дека со ваквата одлука ќе се испочитува јасно изразената волја на граѓаните кои во 3 изборни круга ја дадоа довербата за Жерновски како градоначалник и за советничкото мнозинство во општина Центар.



