Mинистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски состанокот одржан попладнево со претставници на сите релевантни асоцијации на авто-такси превозници прецизно ги дефинирале одредбите кои се однесуваат на стоење и дозволени дејствија на авто-такси превозниците со тоа што ќе се наведе дека само во случај кога такси-возилото е празно, без да има патници, без да има најавен повик дека треба да земе патник од некаде, само во тој случај такси возилото треба да стои на авто-такси стојалиште.
Од страна на град Скопје беше преземена обврска да биде зголемен бројот на авто-такси стојалишта во текот на 2013 и 2014 година.
Во однос на предложените санкции, беше договорено казните во случај два пати да биде сторен истиот прекршок да се однесуваат на трајно одземање на извод од лиценцата за возилото со кое бил сторен прекршокот, а не на лиценцата на компанијата, соопштува Министерството за транспорт.
Претставниците на асоцијациите на авто-такси превозници едногласно ги прифатија одредбите за стекнување на сертификат за познавање на основно ниво на англиски јазик (ниво А1 според Заедничката европска рефентна рамка за јазици (CEFR) на Совет на Европа), преку обуки кои ќе бидат организирани од страна на Министерството за транспорт и врски и општините во Република Македонија, а сертификатот за превозниците ќе биде бесплатен.
Исто така, на состанокот било договорено да се формира работна група за изготвување на измени и дополнувања на законската регулатива за да се овозможи воспоставување на сертификати за авто-такси возачи, што претставува пракса во некои земји, со цел поголема професионалност и одговорност на авто-такси возачите.




