Ситуацијата во Кашмир останува тензична, но без инциденти, откако вчера индиските власти донесоа одлука за одземање на статусот кој на оваа област и даваше значителна автономија.
Сообраќајот, мобилните мрежи и интернетот и натаму се прекинати додека десетици илјади војници патролираат по улиците во една од најголемите милитаризирани зони во светот.
На туристите им било сугерирано да заминат, додека од хинду-аџиите кои заминуваат на годишниот аџилак, исто така, е побарано да се вратат во своите домови. Училиштата и колеџите беа затворени. Но нема индиции што се следните чекори.
Известувачите за странските медиуми објавуваат дека локалното население поради неизвесноста складира храна.
Индиските власти вчера донесоа претседателска уредба со која го укинаа специјалниот статус на државата Џама и Кашмир, што беше гарантиран со Уставот.
Претседателскиот указ стапи на сила веднаш и тој ќе го замени членот 370 од Уставот што се однесува на Џама и Кашмир, се наведува во текстот што го пренесе владата.
Членот 370 од индискиот Устав се однесува на специјалниот статус на Џама и Кашмир во областа на одбраната, надворешните работи и комуникациите, а останатите прашања потпаѓаат под локалното законодавство.
Ова се смета за чекор без преседан кој може да предизвика немири. Претставниците на власта во Кашмир се уапсени.
Едностраната одлука на индиската Влада за укинување на членот 370 од Уставот тие ја оценија како незаконска и противуставна, со што Индија станува окупациска сила во Џама и Кашмир.
И Пакистан го осуди и отфрли индискиот потег, предупредувајќи дека ќе ги искористи сите мерки што му стојат на располагање за да се спротивстави на ваквиот незаконски чекор.
Војните за Кашмир
Кашмир се наоѓа во западниот дел на Хималаите на 1.700 метри надморска висина, во граничниот појас меѓу Индија, Пакистан и Кина. Регионот е поделен помеѓу трите држави, но и покрај тоа често е причина за судири, но и за војни.
Кашмир е најголемата милитаризирана зона во светот каде се воделе војни и погранични судири. И покрај големиот број преговори и обиди за изнаоѓање на решение за спорната област и денес не е постигнат договор помеѓу двете соседни земји, кои располагаат со голем нуклеарен потенцијал.
Индија и Пакистан досега четири пати војувале за Кашмир во 1947, во 1965, во 1971 и во 1999 година. додека во 1962 година почна кинеско-индиски судир, кој заврши со кинеска окупација на регионот Аксаи.
Откако британска колонија Индија во 1947 година стана независна, под притисок на Муслиманската лига е создаден Пакистан, а на поединечни полуавтономни области им беше дозволено сами да одлучат за својата судбина, меѓу кои и на Кашмир.
Тогашниот хиндуистички Хари Синг бара помош од Индија во справување со вооружените муслимански племиња. Набрзо потоа е потпишан документ за приклучување на Кашмир кон Индија, а Њу Делхи распореди војска во регионот. Пакистан протестираше против тоа и денес не го признава Кашмир како дел од Индија.
Првата индиско-пакистанска војна завршува во 1948 година со резолуција на Советот за безбедност на Обединети нации, со која е постигнато примирје и е утврдена линија на прекин на огнот со која е поделен Кашмир на северен – пакистански и јужен – индиски дел. Со резолуцијата предвидено е организирање на референдум за статусот на Кашмир. ОН предложи деловите на Кашмир што граничат со Пакистан и имаат мнозинско муслиманско население да бидат под пакистански суверенитет, а деловите со мнозинско хиндуистичко население, кои граничат со Индија да бидат под индиски суверенитет. Но, резолуцијата никогаш не се спроведе во дело.
Втората војна почнува во септември 1965 година пакистанската и индиската армија водеа борби долж нивните граници откако Исламабад се обиде да ги поддржи бунтовниците, кои се бореа за независност на Кашмир. Повторно под притисок на меѓународната заедница истата година е потпишан Договор за прекин на огнот.
Третата војна почнува во 1971 година Пакистан ја обвини Индија дека го поддржува сепаратистичкото движење во Источен Пакистан (Бангладеш). Победата на теренот тогаш ја извојува Индија што доведе до отцепување на Источен Бангладеш од Пакистан и формирање на Народна Република Бангладеш. Третата војна помеѓу соседните држави заврши со примирје познато како Договорот од Шимил, потпишан во 1972 година.
За време на четвртата војна која почнува во јули 1999 година кашмирските милитанти ги окупираат врвовите на Каргил, кои се наоѓаат во индискиот дел. Индиската армија успеа да го врати подрачјето под своја контрола.
Кашмир за Индија претставува природна стратешка бариера пред се од Пакистан, но и од Кина. Њу Делхи стравува дека ако Кашмир добие независност врз верски и етнички основи со тоа ќе се отвори вратата за другите индиски региони.
Од друга страна Кашмир и за Пакистан е од витално безбедносно значење, поради двата главни патишта и мрежата железнички пруги во Сархада и во Пунџаб, која се протега долж Кашмир. На територијата на Кашмир извираат три реки кои се од посебно значење за земјоделството во Пакистан.






