-Доколку законите во земјава бидат сменети, секако би ги почитувал и би одлучил помеѓу приватниот бизнис или функцијата. Шеќеринска мене ме обвини за бизнис што го поседувам многу години пред да стапам на функцијата. Многу луѓе ме познаваат и во Македонија и надвор од земјава и знаат кога и колку сум бил дел од приватниот бизнис, вели директорот на УБК, Сашо Мијалков во интервју за „Дневник“, притоа напоменувајќи дека нема никаков сомнеж за негово противзаконско работење во Македонија и во странство.
Мијалков потенцира дека корегирана е грешката во неговиот имотен лист.
„Корегирана е единствената грешка во имотниот лист и очекувам Државната комисија за спречување на корупцијата да се произнесе по сите направени проверки. Нема ниту конфликт на интереси. Законот не забранува функционер претходно да поседувал приватен бизнис.“
Во интервјуто за денешниот број на „Дневник“, Директорот на УБК зборува дека МВР и УБК се во подобра кондиција од кога и да било. Како во однос на опременоста, така и во однос на персоналните капацитети. Тој вели она што во 2006 година го затекнал, било „срамно и вџашувачко“.
Во однос на инцидентите и последниот настан со селото Стајковци, Мијалков објаснува дека безбедносната состојба е стабилна и во моментов немало некаков посериозен ризик. Но и дека треба да се работи со помладите, бидејќи меѓуетничката доверба „изминативе 20ина години не се градела на доволно добра основа“. Таквата слика, вели Мијалков, стигнува до потенцијалните инвеститори, а потоа е потребно двојно повеќе напори за да се објасни ситуацијата и да се дојде до посакуваната цел.
Во однос на наводите дека во Македонија се спроведува селективна правда, Сашо Мијалков вели, опозицијата неосновано ги базирала своите обвинувања, и без докази.
„По нивната логика, сите се невини, дури и ако судот врз основа на доказите пресуди поинаку. За опозицијата во Македонија криминал никогаш не постоел“, вели помеѓу останатото Мијалков.
Во поглед на неговиот однос со премиерот Груевски, шефот на УБК, вели Груевски за него е пред се претседател на Владата.
– Нарушено е тоа што имаме многу помалку време да се видиме и да разговараме приватно, одговара Мијалков на прашањето дали изминативе седум години имало кризен момент помеѓу него и Премиерот и дали нешто е нарушено во однос на ситуацијата пред 2006 година.




