Во Македонија е извршена првата трансплантација на рожница, од тим на лекари во Европската очна болница. Трансплантација е извршена кај тројца пациенти, од кој е еден е млад човек кој имал тешка повреда на окото.
Интервенциите се направени на товар на Фондот за здравство, а пациентите платиле само партиципација од 6000 денари. Рожниците се обезбедени од банка за рожница од САД, од починати донатори, а во Македонија пристигнале по брза пошта, заштитени според стандардите за ваков вид на транспорт.
Според директорот на Европската очна болница, офталмологот Фарук Семиз, после интервенциите тројцата пациенти прогледале и се во добра здравствена состојба.
– Постапката на операциите е една најретките во светот. Рожницата е провидниот дел на окото. Откако таа ја губи функцијата пациентот почнува да го губи видот. Ние ја вадиме рожницата која ја изгубила функцијата и ставаме нова рожница која може да гледа. Оваа операција трае 35 до 50 минути. Ова е резултат на најсовремената технологија што ја користи Европската очна болница, како и на големото знаење на нашите доктори, изјави Семиз.
Тој нагласи дека постојат голем број на пациенти кои чекаат за трансплантација на рожница и дека болницата ги има сите можности за да им помогне.




