– Бараме МВР да соопшти во колку случаи факторот „патна инраструктура“ бил причина за загубата на човечки животи? За тоа какви се патиштата во Македонија говори податокот дека низ Македонија има 169 црни точки, изјави на денешната прес-конференција, потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски.
Тој вели Гордана Јанкулоска е партнерот на Никола Груевски во креирањето на катастрофални политики, со коишто се инвестира во музеи и споменици, наместо во заштита на животот на граѓаните, а власта за 7 години успеала да изгради 7 километри автопат.
„Дури во 8-мата година од владеењето, откако ја направија Македонија сообраќајна црна дупка во Европа и на Балканот, најавуваат автопатишта. И тоа со заем од Кина. По цена на чинење два до три пати повисока од реалната за километар изграден автопат. Проценките говорат дека новото задолжување ќе изнесува околу 800-тини милиони евра и јавниот долг ќе достигне над 40 проценти од бруто домашниот производ. Укажуваме дека Европската унија со години нуди неповратни средства од ИПА претпристапните фондови за инвестиции во патна инфраструктура“, рече Манчевски.
Тој упати барање да се објасни зошто Груевски и Владата ги оставија неискористени средствата од ИПА фондовите во претходните 7 години ?
Потпретседателот на СДСМ изјави дека за споредба, автопатната инфраструктура што ја изгради Хрватска е научна фантастика за македонската влада, а дека владеењето на Груевски сега ја остава Македонија далеку и зад Албанија, Црна Гора, па дури и Косово, каде што интензивно се инвестира во модерни автопатишта по светски стандарди.
– Еден од главните приоритети на СДСМ ќе бидат капиталните инвестиции во изградба на автопатни делници во Македонија. Дополнително,покрај обновата на патиштата, во предлог мерките СДСМ предвидува инсталација на систем за заштита на автопатиштата, поставување сигнализација на сите патишта, сигнализација на дојава и СОС на автопат, објасни Манчевски.




