СДСМ веднаш откако ќе ја преземе власта ќе почне со постапката за изградба на три нови автопати – од Велес до Битола, од Штип до Кочани и проширување со уште една лента на патото од Кочани до граничниот премин Делчево, како и автопат од Удово преку Вељуса и Струмица до граничниот премин Ново Село, вети денеска во Прилеп претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Тој заедно со тим од СДСМ ги презентира предлог-мерките на партијата пред Прилепчани, при што прошета низ центарот на Прилеп делејќи примероци од програмата, а се задржа во разговор со прилепчани и на Градскиот пазар.
– Заминувањето на младите луѓе надвор од државата денес се доживува како најголем пораз на Македонија. Најзначајна причина за таквата поразителна тендеција е невработеноста кај младите луѓе. Повеќе од 55 отсто од младите луѓе се невработени и не гледат никаква можност во брзо време да пронајдат работа.
Дури и тие што работат – добиваат мизерни плати и не можат да го закрпат месецот. Нашата земја мора да ги насочи сите ресурси и капацитети кои и стојат на располагање за решавање на проблемите на младите луѓе – рече Заев.
Претседателот на СДСМ нагласувајќи дека во последните седум години владеење на ВМРО-ДПМНЕ малку се инвестирало во капитална инфраструктура, ги објави намерите на неговата партија откако ќе ја преземе власта веднаш да почне да гради три нови автопати.
– Во последните 7 години многу малку се инвестираше во вистинска капитална инфраструктура во државата која ќе значи економски придобивки за сите, заштеда на средства за секое семејство како и подобрување на севкупниот квалитет на живот на граѓаните.
Денес имаме чест и задоволство да најавиме три нови мерки од програмата на СДСМ за враќање на средната класа кои се од областа на економијата – капиталните инвестиции и вработување на младите.
Првата мерка е изготвување на целосна проектна документација, завршување на експропријацијата и започнување на изградба на три нови патни делници во форма на автопати и тоа:
1. Автопат Велес – Прилеп – Битола
2. Автопат Штип – Кочани, а три ленти до Делчево и граничен премин Делчево и
3. Автопат Удово – Вељуса – Струмица – граничен премин Ново Село – рече Заев пред прилепчани и пред медиумите.
Заев најави и гасификација на Македонија во рамките на владин мандат на СДСМ.
– Втората мерка е гасификација на Македонија преку изградба на главна национална гасоводна мрежа до големите урбани центри и поставување на системи за компресирање и декомпресирање на природен гас за помалите градови и општини – објасни лидерот на СДСМ.
Тој најави и финасирање по 320 бизнис идеи секоја година, со што би можеле и луѓе во немаштија да отпочнат свој бизнис.
– Третата мерка е финансирање од буџетот на 320 бизнис идеи годишно со по 10.000 евра неповратни средства по идеја. Ќе отвораме преку 16 бизнис инкубатори низ цела Македонија. Со оваа мерка мерка ќе се вработуваат повеќе од 5.000, пред сé млади луѓе, годишно – порача лидерот на СДСМ.
Мерките потоа детално ги образложи Хари Локвенец од Извршниот одбор на СДСМ.




