Стечајните постапки за „Типо“, „Центро“, делови од „Железара“, „Металски Завод Тито“, Кожарксиот комбинат од Куманово, градежната компанија „Маврово“, случаите „Фиком“ и „Самарија“, и други, за една година ќе бидат затворени со новиот закон за застарени стечајни постапки, најави министерот Ваљон Сарачини. Според него, со законот ќе се реши статусот на објектите кои го поседуваат компаниите што се во стечај, а со тоа ќе се зголеми и вредноста на целокупниот имот со чија продажба ќе се обештетат доверителите.
Законот ќе важи за над 300 случаи, а имотот ќе се продава на јавно наддавање.
– Доколку се случи првиот обид да биде неуспешен, тогаш ќе се спроведе максимум уште една продажба, значи нема да има бесконечен број на продажби како што беше досега, а доколку и вториот обид биде неуспешен тогаш имотот ќе се подели и ќе се расподели на доверителите кои пријавиле штета, изјави Сарачини.
Од Министерството за правда велат дека со законот се предвидени и рокови до кога мора да бидат завршени судските спорови па така првостепениот суд ќе мора да ги заврши започнатите постапки во рок од 60 дена додека второстепениот и Врховниот суд имаат по 45 дена.
Исто така рокови се предвидени и за Управниот и Вишиот суд како и за другите државни органи кои ќе бидат инволвирани во процесот. Барање за затворање на стечајната постапка може да поднесе само стечајниот управник или лице назначаено од управникот.
Од Министертвото велат дека морало да се води сметка за да не дојде до злоупотреба од стечајниот управник и изигрување на доверителите.
-Доколку управникот не поденсе барање за рок до 15 дена тогаш ќе се соочи со казна од 10 до 15 илјади евра, а судот ќе му даде и дополнителен рок од 7 дена за поднесување на барањето изјави Билјана Божиновска – Бришковска, заменик министер за правда.
Доколку не го испочитува и овој рок, тогаш стечајниот судија ќе му ја одземе лиценцата на управникот.
Највата е дека законот во брзо време ќе треба да влезе во собраниска процедура и да стапи на сила откако ќе биде изгласан. Со тоа според надлежните министерства ќе се надомести долгот кон доверителите, а воедно ќе се довршат становите и другите објекти кои останале недоградени заради стечајната постапка.



