Општество на бројна и финансиски стабилна средна класа, граѓани што ќе имаат извесност во иднината, тоа е визијата на Социјалдемократскиот сојуз, објаснува потпретседателот на СДСМ Ванчо Узунов во неделното интервју за Радио Слободна Европа.
Според таа визија, вели Узунов, најголемиот дел од граѓаните, 80 отсто, ќе бидат во средната класа, оние што имаат стабилни работни места и приходи со кои ќе можат да го планираат нивниот семеен буџет на предвидлив начин и нема да зависат, да мора да чекаат милостиња од некоја Влада.
Узунов говори и за Предлог мерките на СДСМ, како намалување на казните за прекршоци, враќање на 15 отсто од ДДВ-то, за кои тврди дека не се извадени од ракав како што некој сака да ги нарече и предизвикуваат голем интерес и одобрување, прифаќање од граѓаните.
Според неговите зборови, тие ќе значат поправедна прераспределба на новосоздаденото богатство и сиромашните граѓани ќе ги одвлече од позиција на сиромаштија, нема да ги направи богати, но ќе ги направи средна класа.
– СДСМ никогаш не ја напаѓал владата дека многу троши, туку секогаш велевме дека многу троши на непотребни нешта. Не самото трошење во период на лоша економска ситуација е како политика исправно. Вие не може да штедите, државата не може да штеди тогаш кога ситуацијата е лоша, ќе штеди кога ситуацијата ќе стане добра, но тоа не значи да троши на непотребни работи, на луксузирања, тогаш кога нема, туку да троши како да го одржи стандардот на граѓаните и како да ја зголеми продуктивноста на економијата – вели Узунов.
Тој подвлекува дека СДСМ нема да троши на таков начин и за тие цели.
– Нема трошење за никакви споменици и мермери и цигли во згради и такви работи. Ќе се инвестира во инфраструктура, патишта, автопатишта, железница, енергетски постројки и голем дел инвестиции во нешто што значи зголемување на продуктивноста на приватниот сектор, не на владата, не на јавниот сектор, на приватниот сектор за да може тој сектор да вработува граѓани и да исплаќа поголеми плати во иднина, а за тоа му треба поголема продуктивност, а за тоа треба инвестиции во образование, ама квалитетно, а не масовно образование, во знаење, во трансфер на технологија, во помагање на технолошко поврзување со странски пазари, креирање нови производи, изнаоѓање извозни пазари во странство – вели Узунов.
Потпретседателот на СДСМ го коментира и Предлог буџетот за 2014, кој според него е речиси идентичен со оние од 2012 и 2013 година, но со многу поголеми бројки.
Узунов се осврнува и на моделот на владеење на ВМРО ДПМНЕ кој како што нагласува е модел на страв и притисоци.
– Ми велат бизнисмените, ако не си близок со владата, може, кога сакаат да те затворат и кога сакаат да те спасат. Тоа е намерно преземен модел на владеење на оваа влада, затоа што така ја одржува својата власт. Не испорача ниту едно до своите економски ветувања, стандардот на граѓаните воопшто не го подобри, напротив. Постојано се вади дека виновник е европската криза или не знам кој или Грција што ни прави проблем со името, не е владата никако крива, но бидејќи веќе нема популарност за да се одржи на власт, а сака што подолго да остане на власт, се држи на власт со тоа што ги менува темите кон популизам или кон заплашување на граѓаните и нивно сведување на послушни луѓе бидејќи немаат финансиски извесност, се сиромашни. Тоа е моделот на владата и тој е преточен во предлог буџетот за 2014 година. Ништо ново, само уште пострашно од приказната што ја гледаме во последните три години и повеќе, вели потпретседателот на СДСМ Ванчо Узунов во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Целото интервју на потпретседателот на СДСМ, Ванчо Узунов, за Радио Слободна Европа.




