Случајот Рекет заслужува итна реакција на одговорните и сигурен сум дека ќе видиме напредок. Франција е најголем подржувач на Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија и мислам дека жителите имаат желба за големи промени во општеството, пред се во однос на реформите во јавната администрација и судството, вели во интервју за 24 Телевизија, францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние.
„ Треба да се преземат сите потребни постапки во најкраток можен рок и да се види дека се води веродостојна истрага која не прави дистинкција за тоа колку се високи позициите на инволвираните и какви се нивните функции и која што ќе покаже дека времето на неказнивост е завршено“, изјави Тимоние.
Амбасадорот Тимоние смета дека сите треба да се заложат овој случај да има судска завршница и изрази надеж дека надлежните работат на истрагата и на прибирање докази.
Тимоние посочува дека е потребна конкретна работа и верува дека ќе има напредок.
Во контекст на очекуваната одлука за почеток на преговорите со ЕУ во октомври, францускиот амбасадор оценува дека позицијата на земјата сега е помалку цврста поради случувањата околу „Рекет“ и неможноста да се постигне договор за законот за ЈО.
„Времето брзо поминува и до октомври има релативно малку време за да се покаже убедливост во работата. Потребно е власта и опозицијата да ги пронајдат насоките што водат кон едно постабилно досие за земјата за кое ќе можеме да кажеме дека иако е извесно оти владеењето на правото создава одредени проблеми, сепак, постои вистинска волја преточена во дела, а не само во намери. Таквата војла заслужува поддршка за почнување на преговорите и отворање на поглавјата 23 и 24“, вели амбасадорот Тимоние.
Состојба во моментов , според Тимоние, претставува еден вид вежба во реални димензии на која власта и опозицијата треба соодветно да одговорат.
„Овој предизвик е важен како за опозицијата, така и за владината коалиција. Она што треба да го видиме е дека има отворање вистинска истрага, како и да се усвои избалансиран закон за да превенира, колку што е тоа можно, враќање кон состојби од ваков вид. Топката е во вашите раце. Барате многу од ЕУ, што е нормално, но овојпат и вие треба да покажете дека вашето евопско досие е убедливо, вели амбасадорот Кристијан Тимоние во интеврјуто.




