Премиерот Зоран Заев денеска отфрли каква било поврзаност, соработка или комуникација со Бојан Јовановски, осомничен во случајот „Рекет“ кој во денеска објавените разговори на Ла Верита споменува средби и комуникација со Заев во врска со Орце Камчев, сведок во „Рекет“ и осомничен во случајот на СЈО „Империја“.
-Во најновиот објавен разговор некои од осомничените го спомнуваат и злоупотребуваат моето име. При тоа се изнесуваат лаги и бесмислици со цел едниот соговорник да ја зајакне својата позиција на моќ и авторитет пред другиот соговорник. Најостро, категорично и одговорно отфрлам било каква поврзаност, соработка или комуникација со осомничениот Бојан Јовановски во врска со случајот “Рекет” и за било какви други прашањата кои се предмет на истрагата за овој случај, напиша Заев на Фејсбук.
Тој вели дека со Бојан Јовановски единствено разговарал за хуманитарни активности на неговиот Меѓународен сојуз, после што, како што вели „ниту јас ниту Владата не сме имале никаква натамошна соработка, ниту формална, ниту неформална“.
-Се имам појавено и на интервјуа во 1тв, како што редовно се појавувам на сите други телевизии и медиуми, во интерес на отвореноста кон јавноста, вели Заев.
Тој ги повика сите истражни органи во целост да го истражат случајот и да донесат одлуки, а институциите на извршната власт им стојат на располагање со цел свој капацитет.
-Повикувам на темелна и независна истрага, која мора да заврши што е можно поскоро и мора да ги покаже сите детали. Резултатот од истрагата мора да донесе преземање одговорност, исклучиво согласно докази и согласно словото на правото. Одговорност мора да има и за осмислувачите и за сите оние кои прават сѐ да се спасат и при тоа се претставуваат како жртви, вели Заев.
-Во изминативе повеќе од две години како премиер, сѐ што правам е само и единствено во корист и интерес на граѓаните на земјава. Бидете уверени дека на непријателите на нашата земја нема да им успее планот преку користење на криминалци, манипулатори и измамници да го спречат успехот на земјава, членството НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ, напиша Заев на Фејсбук, во врска со објавувањето на материјалите во јавноста во врска со случајот „Рекет“.




