По повод меѓународната кампања „16 дена активизам против родовото насилство“, Женска Алијанса организира 16 дневна кампања под мотото „ЛГБТ правата се човекови права“.
Кампањата започнува денеска 25-ти ноември – меѓународниот ден за борба против насилство врз жените, а ќе трае до 10-ти декември – меѓународниот ден на човековите права со што симболично ќе ги поврземе овие датуми и ќе подвлечеме дека која било форма на насилство врз едно лице, без разлика на неговиот/нејзиниот пол, сексуална ориентација или родов идентитет, е кршење на човековите права. Периодот на реализација опфаќа, исто така, и други значајни датуми кои ќе ги покриеме, вклучително 29-ти ноември – меѓународниот ден на бранителите на човековите права на жените и 1-ви декември, светскиот ден на борбата против СИДА.
На веб-страницата е достапна електронска брошура од информативен и едукативен карактер која ги обработува често поставуваните прашања за човековите права на ЛГБТ луѓето, врската помеѓу меѓународното право и сексуалната ориентација и родовиот идентитет, еднаквоста и недискриминацијата, криминализацијата на истополовите односи, како и хомофобичното и трансфобичното насилство. Јавноста ќе може да ја даде својата поддршка на кампањата преку поставување беџови на профил фотографиите на Facebook користејќи ја апликацијата изготвена за таа намена.
Кампањата користи позитивен пристап во промоцијата на човековите права и е фокусирана на подигнување на самодовербата на ЛГБТ лицата и спортистите кои живеат во Македонија и се соочуваат со нивниот страв од визибилност т.е. излегување од плакарот, борба со високото ниво на хомофобија и трансфобија во традиционалното македонско општество и спортовите, како и промоција на инклузија на лезбејките, геј мажите, бисексуалците и трансродовите лица во спортовите и на спортските настани.
Иако ова е првата кампања која ќе биде примарно реализирана преку социјалните мрежи, целта е да се креираме подобро разбирање на човековите права од страна на населението, зголемување на нивото на поддршка за социјална инклузија на ЛГБТ луѓето и редуцирање на дискриминацијата и насилството врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет.




