Пишува: Беса Арифи, вонреден професор на Универзитетот на Југо-Источна Европа
Во Балканот прогресивните и проевропски политички субјекти тешко доаѓаат на власт. Уште потешко успеваат власта да ја задржат. Тоа е така бидејќи во Балканот многу полесно е да надвладеат националистичките и десничарски реторики на поделби кои беспрекорно успеваат да добиваат поддршка во изборните циклуси после што немилосрдно ја воспоставуваат својата административна машинерија која државата ја претвара во нелиберална демократија и во вициозен круг на феудално-кметовски врски помеѓу владетелите и владеаните. Во таква реалност работите тешко се движат напред, големите проблеми тешко се решаваат и уште потешко се излегува од се поголемата изолација на земјата. Видовме што ни се случи за целото тоа единасетгодишно владеење на десничарската ВМРО-ДПМНЕ со која завршивме во заробена држава, без никаква надеж на решавање на политичките спорови, ниту пак со било каква можност за напредок во ЕУ и НАТО интеграциите. Да ве потсетам со каков голем потфат успеавме да се спасиме од таа ситуација.
Целиот тој потфат ќе го сублимирам на три основни точки: 1)Објавувањето на нелегално прислушуваните разговори кои обелоденија дека власта со години нелегално прислушувала повеќе од 20.000 граѓани додека пак властодршците биле инволвирани во тешки корупциски скандали;
2)Основањето на СЈО како општо барање за правда и за воспоставување на кривична одговорност за злоделата и
3)Обезбедувањето на меѓународна поддршка и соработка за процесот на демократизирање на земјата како и за решавањето на децениските спорови со соседските држави.
Сега полека се движиме кон завршувањето на три години од последните парламентарни избори и полека навлегуваме во период кога ќе треба да се зборува за нови такви избори. Така што ова е крајно соодветно време тие што ја изгубија властта повторно да се обидат да ја добијат уривајќи ја сегашната, дотолку повеќе кога сегашната влада дава многу материал таквиот обид да се покаже како успешен.
Интересно е да се забележи дека засега некако е ставена во заборав реториката која беше толку присутна во минатото, дека сегашната власт ја продаде државата прво на Албанците (преку таа што едно време се викаше Албанската пратформа), после на Бугарите (преку Договорот за добрососедство) и на крај на Грците (преку Договорот од Преспа). И логично е таа реторика да згасне полека бидејќи истата до сега се покажа како недоволна за обезбедување на доволен број гласови во изборите. Тоа се тие не повеќе од 400.000 гласови кои максимум се добиваа на последните парламентарни избори, при бојкотот на референдумот и на претседателските избори. Преку таа бројка со таа реторика не се оди.
И затоа од клучно значење е обидот за уривање на власта во наредните парламентарни избори да се развие преку друг пат, кој би можел да освои повеќе гласови на име на една возвишена цел која за жал до сега не успеа да се достигне ни од оваа сегашна влада: Правда и кривична одговорност. Структурите кои сакаат повторно да ја добијат изгубената власт конечно разбраа дека националистичката реторика нема да ги доведе до исполнувањето на нивната цел затоа одлучиа да ги следат истите чекори кои сегашната власт ги искористи за нивно уривање:
1)Неовластено снимени разговори кои објавуваат крупен коруптивен скандал преку кој наводно може да се докаже дека тоа што не може да се купи со пари се купува со многу пари. Аудио-визуелни снимки објавени во странски медиум кои наводно треба да докажат дека државните институции функционираат според законите на подземјето, на организираниот криминал, мафијата.
Кога преку „бомбите“ на Заев се откри начинот на криминално фунционирање на власта (не знам, можеби некој уште се сеќава на „ВМРО-МВРО“, и логично е никој да не се сеќава бидејќи никој не сноси никаква одговорност за тие зборови на екс-министерката за внатрешни работи) сите разбравме дека всушност во државата немаме демократија туку мафиократија. Е сега новиве снимки имаат иста таква цел, да докажат дека оваа власт всушност функционира како мафиократија, затоа Боки 13 се поистоветува со Дон Корлеоне а Камчев е заштитен сведок – свиркач во целата таа работа. Боки во снимките вика дека е во пријателски односи со премиерот Заев и тоа треба да значи дека и премиерот е вклучен во тој потфат на поткуп ли е трговија со влијание ли е што ли е ќа кажат обвинителите откако ќе им заврши одморот. Дури и Дорис Пак рече дека некој во ЕУ мора да се изјасни за снимкиве во кои се спомнува и премиерот. Мене само нешто не ми е јасно, ако Боки и Заев биле толку големи другари, како испадна работата Заев да го пријави Боки во обвинителство за рекет? Изгледа толку од тоа пријателство.
2)Вториот елемент е клучен а тоа е општото, сеопфатно, инклузивно и возвишено барање за правда. Нели и сегашната влада успеа да се оформи токму под мотото „Нема правда, нема мир“? Тоа е слоган кој никогаш не излегува од мода, па затоа, зошто не би можеле и други да го користат? Особено во ралност кога за сите неовластено снимени разговори од претходната влада речиси никој не носеше вистинска одвоворност освен Кочан и Попоски, а другите или побегнаа или се спасија со никакви казни. Дотолку повеќе, за целиот тој терористички напад врз Собранието главните ликови останаа неказнети. Нели требаше да има посебна постапка за организаторите на тој напад? Што се случи со таа постапка? Остана некаде меѓу заборавените и не веќе актуелни вести. Сега е актуелна друга вест, дека таа која требаше да ги гони сите сторители на кривични дела кои произлегуваат од неовластено прислушуваните разговори всушност била инволвирана во најтешкиот корупциски скандал во историјата на оваа земја. Да те стават на чело на институција која треба да гони таков тежок криминал и да се правдаш дека преку лице како Боки 13 си преговарала со осомничен со цел тој да стане сведок во некој предмет е навистина неприфатливо. Поразително е да се слуша како Камчев зборува со Боки а Катица се слуша во позадина во некој тешко инкриминирачки и неоправдлив разговор. Морам да кажам дека прв пат кога го случнав тоа „Не се секирај, се ќе биде ОК“, ми се чинеше дека таа реченица е уфрлена среде снимен разговор од некој друг разговор со сосема друго лице. Меѓутоа специјалната обвинителка призна дека тоа е нејзиниот глас и дека имало оправдување за таа изјава. Потоа следуваше и подолгиот разговор во тројка каде Боки и Катица се на едната страна на линијата додека пак Орце е на другата. И навистина не сум уверена дека баш во тој разговор Катица се обидува Орце да го убеди да стане сведок во предметот „Империја“. Едноставно не можам да прифатам и сум фрапирана како може лице како Боки 13 да биде соработник на специјален обвинител во било каков случај. Бесна сум што токму специјалната обвинителка, лицето кое што беше синоним за крикот за правда во ова држава дозволила да се најде во такви околности да даде таков скапоцен материјал и беспрекорна можност, една институција која беше подигната на рамниште на светост да се влака во калта на корупцијата и да послужи како основ за нов крик „нема правда нема мир“ кој може да не однесе во некои сосема други, не толку мирни води од кои едвај се извлековме како Одисеј од Сцила и Карибда.
3)Третиот елемент за уривање на една власт е меѓународната подршка од истомисленици и политички субјекти кои делат исто уверување. Не се никаква случајност Facebook статусите на инталијанскиот новинар кој одлучи да го објави скандалот со „Тредичи“. Во тие статуси јасно се соопштува гневот кон институциите на ЕУ, кон Могерини и другите функционери како и целта тие да се прикажат како корумпирани институции кои подржуваат една корумпирана власт, и кои, пазете, го омаловажиле македонскиот народ пред светот наметнувајќи им една таква власт и такво корумпирано специјално јавно обвинителство. Тие статуси јасно кажуваат дека целава работа не е нешто ситно и изолирано само во нашата мала државичка. Анти-западното, анти-НАТО и анти-ЕУ расположение не е присутно само кај нас или само во Балканот, туку е присутно во целата Европа, а целта на таквите екстемни десничарски партии и движења е да го искорисат токму тоа расположение да оневозможат понатамошно ширење и развивање на ЕУ како скоп на западни вредности. Таквите сили се видни и внатре во ЕУ во места како Унгарија кои даваат азил на лице како Никола Груевски, Полска, Романија, итн. Така што од аспект на меѓународната соработка, мотото на овие субјекти е „Регресивни, антиевропски сили, обединете се“.
Ете вака се урива власта која со крв и со големи жртвувања беше освоена. Сега се на потфат нашите институции. Многу е важно како тие ќе се сносат со ова што се случува. Или ќе дозволат ерозијата (која запиочна со нивната неодговорност рефлектирана во ситни но секојдневни скандали, продолжи со неуспешното воспоставување на кривична одговорност за сите тие кои ги видовме дека се огрешија пред законот а кулминира во сегашниот мега-корупциски скандал кој има за цел да докаже дека државата функционира како мафиократија а не како демократија) да успее и целата наша европска иднина да се урива како кула од карти и да се вратиме таму каде што бевме пред десет години или пак ќе докаже дека сепак оваа власт и овие институции не се исти со претходните. Криминал има во секоја држава и секогаш. Тежок криминал во кој се инволвирани и чуварите на правдата исто така се појавува насекаде. Државите се разликуваат по тоа како се однесуваат во такви случаи и по тоа се разликуваат демократиите од мафиократиите. А јас знам дека има голема разлика помеѓу тоа што беше некогаш Македонија и тоа што е сега Северна Македонија.
Еве да се потсетиме како реагираше ВМРО-ДПМНЕ и Груевски кога се објавија нелегално прислушуваните разговори: сечени лепени монтирани снимки, кажа Груевски како премиер и остана на таа изјава до самиот крај. Дури и Катица која е во најпроблематична ситуација во сегашниот скандал не рече дека тоа што се слуша е сечено лепено или монтирано.
Понатаму, да беше ова 2016 година, до сега Пендаровски ќе го користеше без одолговлекување непостоечкото право да помилува без претходна постапка и ќе ги помилуваше сите, Боки, Орце, Зоки Кичеец, Катица, Лиле… сите, со све сведоци, за дела за кои уште не се ни води постапка. Нели така постапуваше претхондиот ни претседател обидувајќи се да не „помири“ простувајќи им на сите политичари и криминалци истовремено. Не заборавајте дека ВМРО и Мицковски уште ги смета судењата на Груевски и компанијата за политички прогон, Нирнбершки процеси итн… А ОЈО за организиран криминал води каква таква истрага за „Рекет“ а не молчи како обвинителството на Зврлевски во времето кога беше неопходно да се формира СЈО.
Така што разлика има, не сме повеќе мафиократија каква што сакаат да не прикажат. Меѓутоа, едно треба да биде јасно. Ова е време кога институциите во детали и на најпедантен начин мора да го спроведуваат законот, а ОЈО за организиран криминал треба што е можно побргу да излезе со јасни наводи за истрагата а не да се ограничи едниствено на Боки и Зоки кои испаднаа поголеми мафијаши од Тото Рина и Ал Капоне заедно. Доколку нашите институции сакаат навистина да веруваме дека правдата е можна не смеат никого да заштитат, ниту специјален обвинтел, ниту судија, ниту министер ниту премиер. Единствено во тоа е спасот од мрачните сили кои упорно се обидуваат да не довлечат во нова и подлабока бездна.




