Поранешниот припадник на ОВК Томор Морина по излегувањето од притвор, вечерва се вратил во Косово, откако денеска нашиот Врховен суд го потврди решението на Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција дека не се исполнети законските претпоставки за екстрадиција на Томор Mорина во Србија.
Министерството за правда на Србија бараше тој да биде екстардиран врз основа на распишана потерница од Интерпол поради основано сомневање дека сторил кривично дело „Воени злосторства против цивилно население“.
Косовската Коханет, објави видео и информација дека Морина влегол на Косово околу 19 часот на граничниот премин Блаце.
Според Коханет, Морина не сакал да даде изјава за медиумите, додека членови на неговото семејство кажале дека е во добра здравствена состојба и бил добро третиран од властите во Северна Македонија.
Претходно неговиот адвокат Насер Рауфи, изјави дека Морина по излегувањето од притвор заминал за Приштина со косовски пасош.
Морина поседува и британска патна исправа, која му е задржана од Основниот кривичен суд во Скопје со мерките за претпазливост.
Кривичниот суд, постапувајќи по барањето од Србија преку Интерпол, одлучи дека не се исполнети условите за негова екстрадиција, што беше потврдено и од Врховниот суд.
Томор Морина беше уапсен на граничниот премин Блаце на 24 јули при влез од Косово во Северна Македонија.
Србија незадоволна од одлуката
Српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ денеска изјави дека Северна Македонија со одлуката дека нема услови за екстрадиција на Томор Морина на Србија ја поткопала суштината на меѓународното право.
– Не може да постои оправдување за тоа некој, кој е осомничен за воени злосторства против човештвото, да биде пуштен на слобода, наместо да одговара за смртта на многу недолжни луѓе, изјави Стефановиќ.
Според Стефановиќ меѓународната потерница за Морина останува на сила и со оглед на фактот дека воените злосторства не застаруваат, очекува Морина кога тогаш да одговара за своите дела.
Српската министерка за правда, Нела Кубуровиќ денеска порача дека со одлуката на Врховниот суд на Северна Македонија дека не се исполнети условите за екстрадиција на Томор Морина се покажало дека политиката е над правдата.
– Ова е голем срам за меѓународното право, но уште поголема тага и удар за семејствата на жртвите кои со децении чекаат правда за најмилите, изјави Кубуровиќ, додавајќи дека иако биле доставени сите докази за екстрадиција, Северна Македонија одлучила спротивно од вистината и фактите.




