Европскиот парламент да ја поддржи препораката на Европската комисија за датум за преговори со Македонија, препорачува известувачот за Македонија Ричард Ховит во својата предлог-резолуција што ја презентираше вчера пред Комитетот за надворешни работи на Европарламентот.
Доколку застојот продолжи, земјата се соочува со ризик од враќање назад, истакна Ховит.
Според него неуспехот во последните две децении да се реши спорот околу името со соседна Грција преку процесот во Обединетите нации, го доведува во прашање кредибилитетот и на тој процес.
Една од новините годинава пред ЕП е Македонија да добие статус на земја со функционирачка пазарна економија. Тоа, според Ховит, ќе оправда дека има економски прогрес и ќе даде силен сигнал дека постои напредок во земјата.
За разлика од лани, како што јави МИА, годинава на првото претставување на предлог-резолуцијата за Македонија не опонираше ниту еден грчки европратеник, но затоа со антимакедонски ставови настапија бугарските претставници.
Европратениците ќе можат до почетокот на декември да поднесуваат амандмани на резолуцијата, по што таа ќе се најде на дневен ред и на пленарна седница на Европарламентот.




