„Бидејќи вистината е како шило, еве го манифестот во кој сте ветиле изградба на локален пат во Штип – Шашиварлие – Почивал. За оној пат кој пред малку говорев. Во отчетот се вели дека патот е направен и се потрошени 34 милиони денари. Е каде се парите? Каде е патот? Го нема, исчезна, парите заедно со патот. Во оваа држава се е виртуелно и затоа не можеме да го најдеме патот, кој замислете е направен од Владата. Лага до лага. И лагите продолжуваат. Со овој манифест ги собиравте гласовите, ама вистината е друга“, рече во својот говор пратеничката на СДСМ, Билјана Казанџиска, Шесто продолжение на седница бр.80 на Комисијата на финансирање и буџет
– Заменик-министер за овој пат 10 милиони евра бараме од возила. Не мора да се возите во толку луксузни возила или поедноставено, нормалниот живот на луѓето во селата Оџалија, Габер, чинат колку еден хонорар на Валентина Стефановска. За еден хонорар на Стефановска, овие луѓе немаат основни услови за живот.
– Сега ќе ви кажам каде се наоѓа тој пат. Од Карбинци до одморалиштето на Плачковица има асфалтен пат. Од асфалтниот пат, на двете страни од патот се расфрлани овие села. Пристапот до овие села е по еден километар од асфалтниот пат. За еден километар ги отсекувате од живот. Ете толку ви бараме. Значи тоа се 3 километри. По еден километар за секое село. Пари немате. Знаете ли кое е единствено превозно средство во овие села? Магаре. Ништо друго во 21 век. Знаете ли дека овие луѓе по два пати во годината можат да се снабдат со храна? Како војна. Живеат во воени услови. Знаете ли минатото зимо дека горе имавме ризични состојби, дека со хеликоптер на луѓето им симнуваа храна и лекови? Зар така ли треба да живеат луѓето во 21 век со хеликоптер?
– Многу е лесно од топла просторија да се вика амандманот не се прифаќа, ама прашајте ги тие луѓе како живеат таму? Па се чудиме после се иселуваат. Па ќе се иселуваат на такви не услови за живот.
– Веруваа во органите, веруваа во власта. Им се заканувавте. Тие се страшливи луѓе, се плашат од власт. Им се заканувавте со одземање на трактори, со испишување на деца од училишта за да гласаат за оваа власт, ама тоа што треба вие да им го дадете за возврат не може, амандманот не се прифаќа. Зошто? Така.
– Ако вака продолжите со еден ваков однос, можеби е преостро и прегрубо, ама ќе направите геноцид во 21 век. Знаете ли колкава е смртноста во тие краишта? Знаете ли дека деца и возрасни умираат од банални болести? Од неможноста за да дојдат навреме бидејќи нема пат. Знаете ли дека таму нема пристап за брза помош? И од ВМРО и од ДУИ е премногу. Ги нема парите. Готово. Украдени се. Срамота за ваков несериозен однос и за ваква кражба во манифестот и отчетот пред очите на граѓаните, истакна Казанџиска.




