Две години затвор за директорот на велешкиот музеј Петре Костов поради кражба на две монети од збирката во културната институција.
Тој во Основниот суд во Велес е прогласен за виновен за кривичното дело тешка кражба, тој го призна делото, но и ги врати монетите назад.
„Знам дека згрешив, казната која ќе ја добијам, ќе ја одлежам. Жалам што им нанесов срам на моето семејство и на колегите од работа. Се каам за стореното”, изјави Костов.
При кражбата, директорот ја отклучил вратата од канцеларијата на отсутната службеничка, па го отклучил бирото каде што бил сефот, го отклучил, ги зел двете монети и си ги однел дома.
Случајот беше пријавен на 16 јули годинава, полицијата го откри сторителот откако на сефот во кој биле сместени артефактите, пронашла отпечатоци на Костов, по што тој ги вратил двете тетрадрахми.
Адвокатот на Костов најави жалба на судската пресуда.




