ХЕРА го повикува Советот за радиодифузија повторно да заседава и да донесе одлука со која целосно ќе биде повлечен изменетиот спот кој од форма „абортусот е убиство“ сега преработен пропагира дека абортусот е неморален чин.
Од ХЕРА соопштуваат дека е потребно и овој спот да биде повлечен од емитување, бидејќи со дополнително вклучен цитат на јака Тереза: „Греота е ако „детето треба да го нема“ за вие да живеете како што сакате….“, повторно се нагласува „неморалноста на чинот“ или пак „неоправданата одлука“.
Со овие „промени“ во спотот нарачателот на кампањата не отстапува од своите намери да го престави абортусот како погрешен и неморален чин.
На 30 септември Советот за радио дифузија ја донесе следната одлука во врска со телевизискиот спот на Владата на Република Македонија во кој абортусот се категоризира како убиство: рекламниот спот да го категоризираат како програма од петта категорија и да го емитуваат во периодот од 00:00 до 05:00 часот и за да се емитува во други термини од деноноќието, со рекламата прекинувањето на бременост во здравствена установа не треба да се идентификува како убиство.
И покрај ваквата одлука спорниот владин пропаганден спот повторно се емитува на јавниот сервис и на неколку приватни телевизии во изменета форма односно делот во кој лекарката му се обраќа на човекот со „честитам, убивте здраво бебе“ е заматен, а врз сликата се појавува натпис: „цензурирано од Совет за радиодифузија на Република Македонија“.
Во новиот т.н. цензуриран спот на крајот е додаден цитат од Мајка Тереза „Греота е ако „детето треба да го нема“ за да вие живеете како што сакате….“ , којшто е повеќе техничка модификација со истата порака “абортусот е убиство“.
ХЕРА потсетува дека според наодите на ЕСЕ за овие кампањи на годишно ниво Владата троши 36 милиони денари, пари од буџетот на републиката, пари на граѓаните на Македонија.




