Комисијата за заштита од дискриминација не ја препознава дискриминацијата кон лицата кои се лекуваат од опијатна зависност соопштуваат во Мрежата за заштита од дискриминација.
Во мислењето кое било донесено по претставката од невладината организацијата ХОПС, Комисијата заклучила дека не е вознемирувачки или дискриминаторски тоа што овие лица се третираат со понижувачки третман при добивањето здравствени услуги во ЈЗУ Универзитетска стоматолошка клиника велат под Мрежата. Во својата преставка тие објаснуваат дека медицинскиот персонал на Клиниката ги дискриминира лицата кои се лекуваат од опијатна зависност така што пред да започнат со какви било прегледи, ги упатува да извршат испитување за Хепатитис Ц и Б и ХИВ на Инфективна клиниката.
Оние што имале позитивен резултат, добивале здравствени услуги во посебна просторија, каде што не се лекуваат други пациенти, а стоматологот и останатиот медицински персонал при вршењето на медицинската интервенција користеле посебна заштита (два пара ракавици, специјални одела со маски и обложување на столицата и сите апарати со посебна проѕирна фолија).
-Ваквата ,,заштита“ пациентите ја плаќаат дополнително, и овие трошоци здравственото осигурување не ги покрива. И покрај ваквиот понижувачки третман и различно постапување кон лицата кои се лекуваат од опијатна зависност, Комисијата не утврди дискриминација врз основа на здравствена состојба и постапи спротивно на Законот за заштита на правата на пациентите, според кој се забранува секаков вид дискриминација во користењето на здравствените услуги тврдат во Мрежата за заштита од дискриминација.
Сепак, Комисијата утврдила дека тоа што пацинтите сами си ја плаќаат посебната заштита која медицинскиот персонал ја користи при интервенцијата, се смета за дискриминаторско постапување, кое овие лица ги става во нееднаква положба.




