Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека ја откажува својата средба со данската премиерка Мете Фредериксен, откако таа јасно порача дека нема да разговара за продажба на Гренланд на САД.
-Данска е исклучителна земја со неверојатен народ, но поради коментарот на премиерката Мете Фредериксен дека нема намера да разговара за продажба на Гренланд, го откажувам состанокот што беше закажан за две недели, напиша Трамп на Твитер и дополни дека „премиерката успеа да заштеди многу трошоци и напори како за САД, така и за Данска, со тоа што беше толку директна. И благодарам за тоа и со нетрпение очекувам некогаш во иднина да се видиме!“
Трамп беше поканет од кралицата Маргрет II да ја посети Данска, како дел од неговата поголема турнеја низ Европа, но портпаролот на Белата куќа изјави дека Трамп не планира да ја посети земјата, како што беше предвидено.
И Кралството потврди дека посетата е откажана, оценувајќи го потегот на Трамп како изненадување.
Трамп во соопштение за време на викендот потврди дека е заинтересиран за купување на Гренланд, но изјави дека тоа не е приоритет за неговата администрација.
„Вол стрит џорнал“ уште во петокот првично соопшти за интересот на Трамп за ваков исход, што доведе до реакции во Вашингтон и гнев во Данска и Гренланд, коментира Политико.
Фредериксен изјави дека е тоа „апсурдно“ и дека премиерката на Гренланд Ким Килсен јасно кажа дека Гренланд не е на продажба.





