СДСМ покажува непочитување кон земјоделците и македонската јавност, Зоран Заев најави можност за намалување на субвенциите на земјоделците, а Ленче Николовска го демантираше тоа, реагираат од владејачката партија.
„Истата СДСМ, која деновиве ја продолжи веќе воспоставената пракса на навредување на земјоделците, истата Ленче Николовска која земјоделците ги нарече измеќари, денес ги повтори мерките кои ги промовираа пред девет дена. И повторно, истите мерки, истите тези, истата безидејност и старите лаги. Зошто СДСМ мисли дека два пати кажаната лага станува вистина?! Зарем СДСМ мисли дека со навреди и манипулации можат да ги излажат македонските земјоделци?“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Во реакцијата на партијата на власт се вели:
-СДСМ предлага 10 милиони евра годишно за системи за наводнување, а ВМРО-ДПМНЕ веќе дава 18 милиони евра годишно.
-СДСМ предлага 30% покривање на средства за дупчење на бунари, а ВМРО-ДПМНЕ веќе дава 100% средства.
-СДСМ предлага 15% за учество во градба на капацитети, а ВМРО-ДПМНЕ веќе финансира 50% од трошоците за инвестиции.
-Во време на СДСМ земјоделците плаќаа 15, 18 и 24% данок, а од кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт тие даноци сега се 0% за малите земјоделци, 2% за средните и 10 % за големите земјоделци.
-ВМРО-ДПМНЕ за средните земјоделци ги намали и придонесите за над 25% и од предходните околу 7000 денари плаќаат 4500 денари, а за малите земјоделци придонесите ги намали на од 7000 денари на 1800 денари.
-ВМРО-ДПМНЕ од првиот ден на своето владеење до сега оддели повеќе од 500 милиони евра за поддршка на македонското земјоделство. Поддршка која во наредните години дополнително ќе се зголемува. Наспроти оваа поддршка се неколкуте милиони евра кои СДСМ ги одделуваше за земјоделството.
„Земјоделците се тие кои најдобро знаат дека во времето кога СДСМ беше на власт, беа граѓани од втор ред кои секогаш беа омаловажувани и потценувани. Земјоделците знаат дека за СДСМ беа граѓани од втор ред. Искрено жалиме што СДСМ продолжува со овој потценувачки однос кон земјоделците“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Тие потенцираат дека и во иднина ќе продолжат да бидат партнер и подржувач на земјоделците во Македонија.




