– ЕУ има јасна идеја за европскиот пат на Македонија и таа ќе продолжи да работи на него, порача директораката од Директоратот за проширување на Европската комисија, Александра Кас Грање, притоа наведувајќи дека Унијата интензивно работи и на продолжување на Договорот за асоцијација и стабилизациија, кој истекува идната година.
Кас Грање смета дека ниту Унијата, ниту Македонија не треба да бидат загрижени дека ќе има проблем со европската агенда на Македонија за членство и доколку Советот не даде датум за преговори во декември.
„Не мислам дека постои опасност Советот да ги повлече препораките или нешто слично, во овој момент… Значи нема да има прекин, ниту пак ние нашите напори ќе ги намалиме во било која смисла“, изјави таа.
Според министерот за евроинтеграции Бесими, евроинтегрирањето останува приоритет на Македонија, без оглед на одлуката на Европскиот совет.
„Ние не може во овој момент со сигурност да кажеме дека препораката на ЕК оваа година ќе добие зелено светло од сите земји-членки на ЕУ, како што сме имале прилика во изминатите четири години, но во никој случај тоа не значи Македонија да одбере друг пат“, изјави Бесими.
За одржување на европскиот процес чист и актуелен Бесими смета на креативноста и на институциите и во Унијата и во Македонија. Тој вели, пролонгирањето на македонското евроинтегрирање иако не е во полза европската агенда на земјава и на регионот, нема да ја дестабилизира земјава, особено на меѓуетнички план.
Кас Грање во име на Комисијата го искажа ставот по ова прашање.
„Всушност, лидерите на двете заедници треба да одлучат што ќе се случува понатаму. Не можам да кажам дека ние од Комисијата гледаме знаци дека вакво нешто ќе се случи“, изјави директорката на Директоратот за проширување на ЕК.
Бесими денеска ја поздрави и предлог-резолуцијата на известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Ричард Хoвит и неговото барање земјава без одложување да добие датум за преговори.




