„Одлуката на Коце Трајановски и на советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје, бизнисот со Дрисла своеволно да го доделат на сомнителната фирма ФЦЛ Амбиенте е скандал од светски рамки“, рече на денешната прес конференција Софија Куновска, Координатор на Советничка група на СДСМ во Град Скопје.
Таа истакна дека е оштетен заинтересиран странски инвеститор. Германскиот конзорциум Шулц тужеше и го доби судскиот спор и пред Управниот суд и пред Вишиот Управен Суд во Република Македонија. Од германската амбасада во Скопје веќе стигна порака дека ваквото однесување на градските власти претставува правна несигурност за потенцијалните германски инвестиции.
„Нема поголема антиреклама за странските инвеститори од вчерашната одлука на Коце Трајановски и советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје“, рече Куновска.
„Бизнисот со Дрисла е даден на италијанска фирма, формирана само два дена пред објавeни тендер. Дополнително сомнение е дали за италијанска фирма има банкарска гаранција како што наложува законот за инвеститорите.
– Или можеби зад фирмата стои финансиски институт, какви што информации има во врска со случајот? За ова надлежните за тендерот не сакаат да зборуваат со образложение дека било тајна?, праша Координаторот на Советничка група на СДСМ и коалицијата во совет на град Скопје.
Куновска информираше дека на терен Италијанците на големо работат, од самиот почеток, кога за прв пат им беше дадена Дрисла. Според неа ова упатува на убеденост на италијанската фирма дека бизнисот доделен од Трајановски во нивни раце, им е сигурен.
Од каде таква сигурност тоа може да го објасни само Трајановски. По вчерашното повторно доделување на Дрисла на сомнителниот, и според судовите, италијански инвеститор ФЦЛ Амбиенте, јасно е дека ништо не може да застане на патот на бизнис интересите на ВМРО-ДПМНЕ. Ништо не може да ги запре ВМРО-ДПМНЕ дури и кога се во прашање интересите на граѓаните на Македонија, и кога цената за тоа е угледот на Република Македонија, истакна на крајот Куновска.




