Младиот Христијан од Куманово сеуште се бори за живот на скопските клиники, откако беше нападнат од група насилници кои му нанесоа седум убоди со нож. Во тешка состојба, односно во кома е и 19-годишно момче од Пробиштип кое пред три дена беше удрено со камен по глава, од група насилници.
Напаѓачите и во двата случаи се приведени, но двете момчиња се наоѓаат во многу тешка здравствена состојба.Тепачките и нападите ескалираа, а лекарите секоја втора или трета вечер интервенираат кај некој тинејџер потврдиле за Телма во Градската хирушка болница.
Од МВР пак сметаат дека навреме интервенираат и дека нивните превентивни мерки влијаат врз намалување на инцидентите меѓу младите.
– Не се согласувам со констатацијата дека мерките не вродија со плод, напротив сите мерки досега покажуваат резултати и досега се поднесени над 150 пријави за вакви инциденти ние ќе продолжиме со репресивните мерки, вели министерката Гордана Јанкуловска.
Според Јанкуловска, полицијата ќе продолжи со зајакнати превентивни мерки, а инцидентите, според неа не треба да бидат предимензионирани од медиумите и опозицијата.
– Ниеден проблем не го оправдува насилството посебно не меѓу младите и инцидентите не треба да се користат за добивање ситни политички поени како што тоа во минатото го правеше опозицијата од настани каде некои млади се здобија и со тешки повреди, вели Јанкуловска.
Полицијата се уште не го расчистила инцидентот што се случи во автобусот со број 65 кај Стајковци кога неколку луѓе маскирани со шалови и капи ги нападнаа младите патници.
Пред извесно време насилничка група претепа неколку момчиња во близина на Транспортниот центар,а пред два дена цел на хулиганите беа неколку автобуси, кои ги гаѓаа со камења, ги искршија прозорците, а еден патник се здоби со повреди на главата.




