Европската Унија не може да влијае Атина да престане да ја блокира нашата земја на европскиот пат, вели за МИА министерот за надворешни работи Никола Попоски кој денеска во Брисел се сретна со европратениците Ричард Ховит, Чарлс Тенок и Едвард Кукан. Поповски истакнал дека во Брисел сите сметаат дека никој од актерите нема влијание врз процесот на носење на одлуки во Грција.
„Со сите соговорници со кои разговаравме на темата Европскиот совет да додели датум за почеток на преговорите со Македонија, тие не чувствуваат можност да се убеди Грција дека е корисно да ги започнеме преговорите и мислам дека оваа позиција на Атина е многу јасна, клучна детерминанта што влијае врз носењето на одлука за почеток на преговори. Минатите циклуси видовме дека имаше придвижување и напори да се убеди Атина, но оттаму немавме позитивена реакција. Согледувањата на сите кои се внатре во системот на европските институции е дека таму не постои подготвеност за придвижување во овој правец“, изјавил Попоски за МИА.
Поповски смета дека пораките што ни се упатени од Атина, се дека немаат волја да покажат поголемо ниво на конструктивност.
„Најважно ни е тоа да биде видливо и да имаме што е можно повеќе земји членки на ЕУ кои ќе бидат запознаени со реалниот напредок во Македонија“, потенцира македонскиот шеф на дипломатијата.




