Вкупно 400 нови вработувања во јавното здравство до крајот на годинава најави министерот за здравство Никола Тодоров. Според Тодоров ова се дел од ветените 800 вработувања на здравствени работници во текот на 2013 година.
„ Веќе се распишани огласите за 400 вработувања во јавното здравство, од кои половина се докторски кадар, односно специјалисти или специјализанти, а другата половина се сестри, болничари, акушерки и друг медицински персонал“, изјави Тодоров.
Тој најави дека лекарите кои ќе бидат примени ќе бидат пратени на специјализација во странство, а откако ќе се вратат ќе бидат распоредени низ цела Македонија.
„Првпат распишуваме огласи за вработување на доктори кои што потоа ќе ги упатиме на специјализација во странство. Така се распишуваат и огласите, значи стои во огласот дека се бара лекар кој ќе се упати на специјализација во странство, а потоа ќе има обврска да се врати во Македонија“, изјави Тодоров.
Од друга страна, во медицинските кругови веќе се шпекулира дека ова се предизборни вработувања, со кои ќе се реши статусот на деца на лекари блиски до владеачката партија, како и нивни послушници.
Како што пишува Слободен печат, клиниките и болниците во петокот добиле наредба итно да распишуваат огласи за вработување, а веќе пред два дена весниците беа преплавени токму со такви конкурси. Само пред два дена, 16 болници, клиники и здравствени домови почнаа постапка за вработување на околу 150 лекари, медицински сестри, болничари, шофери, информатичари.
Лекари од скопските клиники за НОВА велат дека новите вработувања на клиниките не се во согласност со потребите. Тие објаснуваат дека со оглед на лимитираните буџети и ограничениот број на операции, по две неделно по лекар, незнаат што воопшто ќе работат новите лекари.
Одлуката за нови 800 вработувања во здравството беше донесена на 27 декември минатата година на вонредна владина седница, а ова е вториот бран од најавените вработувања.




