Собранието денеска ја утврди потребата од донесување по скратена постапка на Предлог-законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши и идниот статус на Специјалното јавно обвинителство. За предлогот гласаа 57 пратеници од присутните 99.
Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не гласаа.
Со ова почнува расправата за овој предлог закон во собраниските комисии.
Министерката за правда Рената Дескоска на почетокот на седницата изрази надеж дека сите политички партии ќе смогнат сили да гласаат за овој закон со кој ќе продолжат постапките почнати од Специјалното јавно обвинителство.
– Се надевам дека сите вие ќе смогнете сили да стиснете зелено копче за да го изгаснете пожарот во кој се наоѓаме повеќе години, а тоа ќе значи продолжување на постапките на Специјалното јавно обвинителство во кој гледаме дека имаме индиции и обвиненија за сторен криминал направен од претходната власт, но исто така имаме и стиуација во која е отворен сериозен случај, а тоа е случајот Рекет, кој исто така треба да има сериозна постапка која ќе доведе до завршување на судскиот процес. Треба да има ефикасна правда за сите без оглед на која политичка гарнитура припаѓаат. Пред вас, дали ќе го стиснете зеленото или црвеното копче, треба да ја имате предвид иднината на нашите граѓани, рече Дескоска.
Дескоска исто така рече дека ако не се најде двотретинско мнозинство за Законот за Јавно обвинителство, ќе се оди на други варијанти, меѓу кои спомена и измена на Законот за Советот на јавни обвинители.
-Во случај да не се најде мнозинство за Законот за јавно обвинителство, сите предмети на Специјалното јавно обвинителство ќе ги преземе и ќе ги продолжи друго јавно обвинителство. Или, со измена на Законот за Совет на јавни обвинители, кој се носи со обично мнозинство, ќе се најде решение за функционирање на Специјалното обвинителство, рече во Собранието министерката за правда Рената Дескоска.
Пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ денеска побара од министерката за правда Рената Дескоска да си поднесе оставка.
По изгласувањето на одлуката Предлог-законот за јавно обвинителство да се носи по скратена постапка, Милошоски во собраниската прес-сала изјави дека во мандатот на Дескоска има најголем политички и судски скандал.
Според него, се злоупотребува европското знаменце за да се донесе Предлог-законот за јавно обвинителство. Сепак, најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во амандманската расправа по предложеното законско решение.
Повтори дека судските процеси на СЈО треба да продолжат, но оти како партија сметаат дека треба да се почитува постоечкиот закон на СЈО каде, како што рече, пишува дека мандантот на помошниците обвинители не може да биде подолг од мандатот на специјалната обвинителка. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека обвинителите од СЈО треба да се вратат во обвинителствата од кои што дошле.
-Еднаш Милошоски ми посака да не ме реконструираат и тоа беше застрашувачка порака, така што сега, штом ми бара оставка, за мене е комплимент. Јас не робувам на партиски интереси, не сум нивен сервис, одговори Дескоска.
Во пресрет на денешната седница, вчера состанок за Законот одржаа работните групи на власта и на опозицијата, но не беше постигнат напредок по спорните прашања. Министерката за правда Рената Дескоска по средбата изјави дека клучно прашање околу кое не се согласни двете страни е статусот на предметите на СЈО. Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека нивните забелешки ќе ги поднесат во вид на амандмани во текот на комисиската расправа.
ВМРО ДПМНЕ бара мандатот на сите обвинителите на СЈО да заврши со смената на Јанева




