Резултатите од истражувањето на Агенција Рејтинг беа презентирани денеска на работилницата организирана од страна на ОБСЕ и Државната Комисија за спречување корупција на тема перцепција за постоење на корупција во локалната самоуправа.
Во периодот од 28 октомври до 1 ноември биле телефонски анкетирани 1080 граѓани од сите општини во државата. Еве ги резултатите:
Анкетираните сметаат дека корупцијата во локалната самоуправа најмногу е присутна при вработувањето (45.1%). Понатаму следат корупцијата при работата на инспекциските служби (25.7%) и корупцијата при доделувањето на јавни набавки од страна на општината (22.0%).
Дека постои корупција при доделувањето на јавни набавки, во највисок процент (24%) се убедени анкетираните од големите општини.
Во поголемите градови и градот Скопје, за разлика од малите општини и селата, постои пораширено уверување дека корупцијата е присутна при издавање градежни дозволи од страна на општината.
Анкетираните од поголемите општини во повисок процент (23%) сметаат дека корупцијата е присутна при донесувањето и менувањето на Урбанистичките планови, отколку анкетираните од малите општини (16%).
Дека постои корупција при вработувањето, најмногу се убедени етничките Албанци (54%), но и анкетираните од големите општини (49%).
Анкетираните од помалите градови во речиси двојно повисок процент (34%) сметаат дека постои корупција при работата на инспекциските служби, за разлика од анкетираните кои живеат во Скопје (20%).
Степенот на информираност за работата на локалната самоуправа кај граѓаните во земјата е релативно висок (46.8). Жителите во малите општини се поинформирани за разлика од оние кои живеат во поголемите општини и градот Скопје.
Прилично е висок процентот на оние кои сметаат дека средствата од буџетот во нивната општина не се користат за потребите на граѓаните туку, веројатно, за некои други потреби. Перцепцијата се комплетира ако се земе предвид врската меѓу претходно споменатите граѓани со степенот на информираноста за располагањето со општинските средства, при што може да се извлече заклучок дека поинформираните граѓани не се сомневаат првенствено за корупција, туку ја спорат употребата на буџетските средства за други јавни потреби.
Етничките Албанци во повисок процент сметаат дека буџетот не се користи во интерес на граѓаните. Граѓаните сметаат дека корупцијата во локалната самоуправа најмногу е присутна при вработувањето (45.1%). Понатаму следат корупцијата при работата на инспекциските служби (25.7%) и корупцијата при доделувањето на јавни набавки од страна на општината (22.0%). Перцепцијата за постоење на корупција при вработувањето е највисока кај етничките Албанци (54.0%), додека пак жителите во поголемите општини и градот Скопје, за разлика од оние кои живеат во село, во повисок процент препознаваат корупција при донесувањето и менувањето на урбанистичките планови во општината.
Во помалите општини, каде граѓаните имаат повеќе информации за работата на општината, лично ги познаваат носителите на јавни функции, но и реално има помалку простор за злоупотреба заради малите ресурси кои ги имаат општините, перцепцијата за постоење на корупција е значително помала.
Градоначалниците се перцепирани како најподложни на корупција (24.1%). Понатаму следат инспекторите (17.7%) и општинската администрација (14.5%). Оттука, може да се заклучи дека постои поголемо сомневање за корумпираност кај институциите во кои е концентрирана поголема извршна моќ и можност за дискреционо донесување одлуки. Советниците во општинските совети, кои не располагаат со извршна моќ, во најнизок процент (8.2%) се перцепирани како подложни на корупција.
Во малите и средните општини градоначалниците се перцепираат како поподложни на корупција во однос на градоначалниците во големите општини. Од друга страна, во големите општини граѓаните најмногу корупција препознаваат во инспекциските служби што значи дека во општините каде службениците не се директно и силно контролирани од градоначалникот и советот, односно каде има можност за корупција на повеќе нивоа, перцепцијата за постоење на корупција е поголема.
6.5% од анкетираните рекле дека за завршување на некоја работа во општината им биле побарани пари, стока или друг вид услуга, односно биле директно изложени на корупција. 11% од етничките Албанци одговориле дека непосредно биле изложени на корупција, а 7.1% од жителите во големите општини го дале истиот одговор. Речиси на секој десетти граѓанин (9.6%) кој побарал некаква услуга од општинските органи му биле побарани пари или друг вид на услуга.
7.2% од анкетираните до надлежните органи пријавиле незаконитост или неправилност која е во надлежност на општината, а дури 85% од нив не биле задоволни од нивното постапување.
Генерално, граѓаните сметаат дека денес има помалку корупција од периодот пред две години, додека 19,2% од нив сметаат дека таа денес е зголемена.




