Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Артан Груби денеска ја отвори седницата на која ќе се расправа по Предлог-законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши идниот статус на Специјалното јавно обвинителство.
Груби соопшти дека се поднесени повеќе од 40 амандмани на Предлог-законот, од кои околу 20 од ВМРО-ДПМНЕ, 16 од СДСМ и коалицијата, 10 од ДУИ и три од пратеничката Сурија Рашити.
Веднаш по отворањето на седницата, Груби даде пауза за членовите на Комисијата да можат да ги разгледаат амандманите.
Најави дека расправата во Комисијата за европски прашања за Предлог-законот за јавно обвинителство може да трае најмногу два работни дена.
Пратеникот од Беса, Фадиљ Зендели, пак, изјави дека тие нема да го поддржат Предлог-законот за ЈО ако во него нема гаранции дека ќе продолжат да се процесуираат сите предмети кои биле обврска на СЈО.
– Ако немаме вакви гаранции во Предлог-законот, нема да го поддржиме. Значи, како движење Беса и јас самиот како пратеник барам во дебатата и во амандманската расправа да имаме целосни гаранции дека сите предмети кои се започнати и кои биле во постапка или материјали кои се користени од страна на СЈО, ќе продолжат да се обработуваат и од страна на Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, изјави Зендели.
Пратеникот од ДУИ Артан Груби и претседател на собраниската Комисија за европски прашања, по изгласувањето на одлуката Предлог-законот за јавно обвинителство да се носи по скратена постапка рече дека политичарите и политичките партии треба да се воздржат од преземање на улогата на судија и на обвинител, како и на пропагандист или на пишувачи на лажни вести во целиот овој процес.




