Нема да претрпиме речиси никакава штета од забраната за увоз на компири и мед од земјава во Косово, а наметнатата бариера нема да има никакво влијание на македонската екомомија, оцени денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Тој нагласи дека веќе е реализиран околу 70 отсто од извозот на овие два производа во Косово и додаде дека по воведувањето на забраната се добиени дозволи за извоз на компири и мед на европските пазари.
-Штетите за македонската економија од забраната за извоз на компири и мед во Косово речиси се нула, имајќи во предвид дека нашите производи можат да се извезуваат и на други пазар, особено медот. Во рок од еден месец по воведувањето на забраната веќе ги исполнивме и сите услови и компирите да се извезуваат на европските пазари, а и досега е реализиран над 70 отсто од извозот на овие два производа во Косово, рече Бектеши во одговор на прашање пред почетокот на отворањето на понудите од Јавниот оглас за доделување на премии за електрична енергија произведена од фотонапонски централи.
Во меѓувреме, Министерството за економија соопшти дека министерот за трговија и индустрија на Косово, Ендрит Шала денеска испрати писмо до министерот за економија Крешник Бектеши со кое го информира дека Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово веќе ја испратила потребната документација до Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Северна Македонија со кои се докажува дека се исполнети условите за увоз на икра и материјал за порибување.




