Владимир Поп- Христов вчера бил приведен на граничниот премин Богородица при обидот од соседна Грција да влезе во земјава, потврди за НОВА портпаролот на МВР, Иво Котевски.
Пејачот на Д.Н.О, Поп -Христов е обвинет за одгледување и производство на марихуана, дело кое според обвинителството го сторил заедно со неговиот брат, актерот Кирил Поп Христов кој веќе беше осуден на една година затвор за ова кривично дело.
На Владимир Поп- Христов му беше одредена мерка притвор во отсуство па полицијата го предала на судската власт за да се преземат понатамошни мерки.
Актерот Кирил Поп Христов само по едно судско рочиште на 15 септември беше осуден на една година затвор за одгледување и производство на марихуана.
Тој останува во куќен притвор до правосилност на пресудата. Пред судот Кили ја повтори изјавата дека не произведувал канабис сатива, туку канабис индика која му требала за производство на чај и за масло за лекување на туморот од кој боледува. Тој најави дека истото масло ќе го набавува легално од Хрватска, објавува Утрински весник.
Кили и неговиот брат Владимир Поп Христов се обвинети дека во семејната куќа во Визбегово направиле расад и мини-лабораторија за одгледување и производство на марихуана.




