Фирмата на поранешниот пратеник од редовите на НСДП Љубомир Јосифовски извршила упад во системот на Централен регистар и крадела податоци од регистри што ги води оваа институција, велат за НОВА од Централниот регистар.
-Упадот е извршен со злоупотреба на безбедноста и со надминување на безбедносни пречки од страна на Друштвото за обработка на податоци, хостирање и слични дејности ИНФОГРУП ДОО Скопје. На тој начин ова правно лице неовластено обезбедувало податоци од регистри што ги води Централниот регистар, велат од Централниот регистар.
Веднаш по упадот поднесена е пријава до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во МВР.
Јосифовски синоќа бил приведен на распит во полициската станица Беко во Скопје и се сомничи за неовластено влегување во комјутерскиот систем на Централниот регистар.
– Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во Биро за јавна безбедност при МВР на РСМ, на 02.09.2019, по претходно доставена пријава од страна на Централниот регистар на Република Северна Македонија и консултација со надлежен јавен обвинител од ОЈО Скопје, го лиши од слобода лицето Љ. Ј. (46) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“, предвидено и казниво по чл.251 од КЗ на РСМ, информираат денеска од МВР.




