Паркобраните и Андреј Жерновски не се грижат за зеленилото во Центар, а ниту ни за животната средина во која живеат сите граѓани на Македонија, обвини денеска Сашо Трпевски од ВМРО ДПМНЕ.
– Денот на дрвото стана добро прифатена традиција во Република Македонија во која секој граѓанин има можност да засади ново зеленило во своето место на живеење и со тоа да влијае врз зголемување на зеленилото во својата општина и во целата земјата. Оние кои цело лето ја манипулираа јавноста дека се грижат за зеленилото во Скопје, а себе се нарекуваа Паркобрани, на чело со нивниот градоначалник Андреј Жерновски не се појавија никаде при реализација на Денот на дрвото ниту насадија по една садница, изјави Трпевски.
Според него, тие протестирале за 5 стари дрва а сега не засадиле ништо, а во минатото правеле провидна политичка манипулација.
– Овие т.н. Паркобрани имаа можност, како сите останати граѓани, да посадат нови садници и да ја покажат својата грижа, која очигледно ја немаат. Тоа не се случи. Очигледно не добија таква наредба од својата партија СДСМ. Протестите кои беа исценирани од страна на оваа партиска група во која најголемиот дел беа функционери и вработени во Општина Центар, но и роднини на високи политичари од СДСМ веќе се докажа дека ниту биле искрени ниту нивната намена била заштита на зеленилото, надополни Сашо Трпевски.
Според него, да протестираш за 5 стари дрвја, а да не учествуваш во акција во која се насадиле 5 милиони нови садници во цела Македонија, од кои 80.000 само во Скопје, е врв на лицемерие и е доказ за партиската затруеност.
Тој вели освен на Денот на дрвото, кога паркобраните имале можност да покажат дека навистина се грижат за зеленилото во Република Македонија, тие воопшто не реагирале ниту на неодамнешната информација кога градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски во јавноста обелодени документ дека Андреј Жерновски побарал на територијата на Општина Центар да се исечат 26 дрвја.




