Лустрацијата на сите вмешани во судењето на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто, ќе доведе до национално помирување меѓу Македонците, е образложението на Комисијата за верификација на фактите, која денеска го отвори случајот „Ченто“.
Членовите на Комисијата ќе ги „чешла“ досиејата и на агентите на Управата за државна безбедност (УДБА), како и на видните партиски и државни функцинери.
Прв на удар на можната лустрација ќе биде судскиот совет на Окружниот народен суд во Скопје, чиј претседател беше Панта Марина, а членови Лазар Мојсов, подоцнежен висок југословенски функционер, и Kоле Чашуле, познат македонски писател и дипломат.
– Ако го отворите Зборникот за Ченто издаден од Државниот архив на Македонија во 2002 година, има документи од целиот судски процес, но и за целата постапка на Врховниот суд кој одлучуваше и го рехабилитираше. Во тој Зборник ги има сите имиња на личностите кои биле вклучени во процесот против Ченто, но и нивната улога во градењето на ова судење. Целта на отварањето на овој случај е да се создаде култура на сеќавање и национално помирување помеѓу Македонците, изјави Предраг Димитровски, портпарол на Комисијата за верификација на фактите.
Според еден од членовите, Чедомир Дамјановски, со оваа одлука е нанесен голем срам што се направило од досието на Ченто, а уште повеќе што не се почитуваат одлуките на Уставниот суд, кој забрани лустрација на покојни функционери.
„Членовите на оваа комисија верувајте ми, се изгубија во лустрацијата. Изумија што ѝ е задачата на оваа Комисија. Од само ним познати причини сега го отвараат досието на Ченто. И ако ги лустрираат сега веќе починатите, што ќе им направат? Ќе им ја одземат функцијата? Срамота“, вели Дамјановски.
Методија Андонов Ченто е роден во Прилеп, а во виорот на Втората светска војна меѓу првите им се придружува на партизаните и има висока партизанска функција. По војната започнуваат несогласици на Ченто со неговите партиски другари, особено за Манифестот на Главниот штаб. На 14 јули 1946 година е уапсен, а на 21 ноември, е осуден на 11 години затвор во „Идризово“, а на 4 септември 1955 година, по одлежани 9 години и 4 месеци затвор е пуштен условно.
Ченто подоцна, поради нарушеното здравје бара да му се издаде пасош со намера да се лечи во Швајцарија, но бил одбиен.
На 24 јули 1957, осамен и во тешки болки, умира од рак на желудникот, во својот дом во Прилеп.




