Министерството за труд и социјална политика објави оглас во печатените и електронските медиуми за вработување на невработени – корисници на социјална парична помош, посебно наменет за млади лица кој ќе трае до 20 декември.
Според министерот Диме Спасов, основна цел на оваа програма е да го олесни преодот на младите лица корисници на социјална парична помош на пазарот на трудот, односно, приоритет ќе се даде на младите корисници на социјална парична помош на возраст до 29 кои се регистрирани како активни баратели на работа во Агенцијата за вработување.
„Ова ќе го постигнеме со обезбедување на субвенции за плати за период од шест месеци за младите лица кои се корисници на социјална парична помош и со обврзување за работодавачите овие лица да ги задржат во работен однос уште дополнителни шест месеци. Целната група, односно потенцијалните корисници на субвенционирано вработување со оваа програма, се членови на домаќинства корисници на социјална парична помош, регистрирани како невработени лица, активни баратели на работа“, изјави министерот.
Со програмата се предвидува вкупен износ на субвенција од 17.000 денари месечно по вработено лице за период од шест месеци, од кои 14.000 денари за исплата на месечна плата по вработено лице, и 3.000 денари месечно на работодавачот за покривање на трошоците за обука и материјали, за период од шест месеци.
По истекот на шесте месеци на субвенцијата, работодавачот го задржува работникот најмалку дополнителни шест месеци (вкупно 12 месеци).
Вкупниот износ на средства кој е обезбеден за реализација на оваа програма е 12.750 000 денари за вработување на 125 лица.




