Чествувањето на Денот на независноста-28 години од успешно спроведениот референдум во 1991 година на кој мнозинството граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава започна со полагање на свежо цвеќе на гробовите на поранешните претседатели Борис Трајковски и Киро Глигоров.
Свеченото одбележување се одвива под мотото „Боите на независноста“, а заедничката прослава е во Градскиот парк, пред Школка.
Во 12 часот е обраќањето на премиерот Зоран Заев, по што следува културно-уметничка и забавна програма.
На Школка ќе настапуваат „Петко и 5+ бенд“, групите „Ај Кју“, „Денсерс Јунајтед“, Виолета Томовска, Елита Зибери и ди-џејот Драган Б. Костиќ.
Во паркот се поставени повеќе штандови, каде присутните имаат можност да пробаат од традиционалната храна од сите краеви на нашата земја, да учествуваат во спортски активности и да го проверат своето здравје.




