– Според експертски ревизорски наоди за проектот Скопје 2014, само во делот кој е реализиран преку општина Центар и само за 11 споменици, констатирани се буџетски штети од неверојатни 8 милиони евра, напомена денеска потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски, укажувајќи дека за овие 11 споменици, потрошени се вкупно 15,5 милиони евра, дури 8 милиони евра се на штета на буџетот односно граѓаните.
Тој потенцираше дека од Извештајот е видливо дека речиси половина (45%) од потрошените пари за овие 11 споменици се спорни.
„Ако се има во предвид дека според меѓународни стандарди, зависно од комплицираноста на одреден споменик, лиењето во бронза чини 50-60 евра по килограм, јасно е дека цените на чинење на овие споменици се огромни. Без постамент, споменик од бронза висок околу 2 метра, со дебелина на ѕидот од околу 3 сантиметри по овие стандарди би чинел околу 20.000 евра“, објасни потпретседателот на СДСМ.
Според Манчевски, и да се додадат високите хонорари, како и парите за постамент, речиси невозможно е да се дојде до бројките кои се исплатени за овие споменици. На пример само еден од овие 11 споменици, во бронза, висок околу 2 метра, чини над 700.000 евра, вели тој.
Тој во името на најголемата опозициска партија праша колкава е штетата по Буџетот на Република Македонија за целиот проект Скопје 2014?, укажувајќи дека Груевски најавил дека Скопје 2014 ќе ги чини граѓаните 80 милиони евра, а министерката Канческа Милеска го демантираше и посочи дека вкупната сума е 207 милиони евра.
Манчевски рече дека врз основа на наодите од извештај, отворени се сомнежите дека стотици милиони евра се потрошени на незаконски начин во целиот проект и дека затоа е потребна неопходна ревизија на целиот проект Скопје 2014.
– За жал, граѓаните останаа без многу значајни објекти што можеа да се изградат. Залудно потрошените милионски суми можеа да се искористат на пример за изградбата на нов автопат Миладиновци-Штип, наместо владата да се задолжува, изјави Дамјан Манчевски.




