Македонија пука по сите шевови, насекаде сиромаштија, миграција, репресија. ВМРО ДПМНЕ ги сруши темелите на нашата заедничка куќа. Осум години се на власт, имаат над 50 општини, целата власт е во нивни раце, а државата ни бега како водата од дланките. Затоа доаѓа нашето време и Македонија нема друга алтернатива освен враќање на средната класа – рече Зоран Заев во Кочани.
Заев ја презетираше програмата на СДСМ насочена како што вели Заев пред се кон враќање на парите кај граѓаните, затоа што, како што рече, два проценти од граѓаните се ултра богати, пет отсто се средна класа, а сите останати врзуваат крај со крај!
– СДСМ тоа ќе го промени со враќање на средната класа. Тој што има повеќе, фер е повеќе да плаќа од тој што има помалку. Истото ќе важи и за данокот на имот! Не како денес, граѓанинот кој има еден стан да плаќа исто колку Груевски кој има четири стана – порача лидерот на СДСМ.
Тој најави повеќе мерки за вработувања, особено на младите и ја спомена мерката – „320 бизнис идеи“, со што на младите ќе им се дадат 10 илјади евра неповратна помош за почнување бизнис, и на тој начин би се вработиле преку 5 илјади млади годишно.
Заев од Кочани најави и крај за казнените политики, за лажните отчети, крај за неслободата во медиумите и општеството.




