„Со Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, кое што беше донесен 2008 година, а почна да се применува од 01.01.2009 година, Владата го воведе концептот на бруто плата, со кое што беше предвидено во одреден временски период да има постепено намалување на придонесите од задолжително социјално осигурување. Со образложение дека ова ќе придонесе за поголема конкуренција на македонските компании, бидејќи работодавачите ќе плаќаат помалку пари за државата, за придонеси. И со тоа дека ќе се стимулира отворање на нови работни места.
Два пати беа намалени придонесите за пензиско и инвалидско осигурување, за здравствено осигурување и за Агенцијата за вработување. Но, Владата четири пати по ред го одлага последното намалување на придонесите од задолжително социјално осигурување.
Поради една таква лоша стратегија на Владата, за намалување и воведување на концептот на бруто плата, вие денеска од 2009 година до 2013 година имаме дефицит во фондот за пензиско и инвалидско осигурување од 340 милиони евра, затоа што оваа Влада погрешно планираше и погрешно го спроведе концептот на бруто плата.
Денеска Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во Република Македонија е пред колапс“, рече пратеникот Марјанчо Николов во Собранието на РМ.




